Оваа залиха е отприлика половина од пченката што Украина се очекува да ја извезе за сезоната. Ако на листата на проблеми со украинскиот извоз на пченка највисоко е фактот што таму уште се тркалаат тенкови и уште експлодираат какви не ракети, сериозна тежина има и тоа што глобалниот ланец на снабдување е сериозно затнат, цените на бродскиот превоз се на историски високи нивоа, плус има проблематични метеоролошки случувања.
Русија одамна постигна поморска доминација околу главните украински пристаништа Одеса и Миколајев, па од таму нема мрднато ни грст пченка. Она малку житарици што излегуваат од Украина се префрлуваат преку товарни возови до Романија и Полска по што се испорачуваат за остатокот од светот. За да не биде и ова едноставно, тркалата на вагоните мора да бидат сменети на границата на Украина, бидејќи во земјата се уште се користат пошироките шини од времето на СССР, за разлика од потесните шини во ЕУ.
Украинските земјоделци објаснуваат дека железницата никогаш не ни била замислена за тоа, и дека превозот на житарки со воз е логистички многу скапа, бавна и неефикасна операција.
Севкупно извозот на житарки на Украина моментално е ограничен на 500.000 тони месечно од максимумот од 5 милиони тони пред војната.
Ваквата ситуација е инстантно искористена од огромни производители како Индија, која стандардно целата жетва ја користи за домашни потреби, но сега инспирирана од светските цени на житарките почна своите залихи да ги продава низ Азија за рекордни профити. Тамошните земјоделци објаснуваат „не се сеќавам кога последен пат пазарните цени на житарките биле повисоки од владините субвенционирани цени.“
Бразил последниве 3 месеци има извезено повеќе житарки отколку цела мината година. За прв пат американска пченка е испорачана во Шпанија, а земјата ги олабави и правилата за пестициди за да може да увезе од Аргентина и Бразил. Во исто време Египет преговара за размена на ѓубриво со Романија во замена за житарки.
И сето ова најверојатно нема да биде доволно.
„Ние по цел ден може да претураме од едно во друго лонче, ама ако конфликтот продолжи и летово, кога извозот на пченица од Црното море вообичаено се зголемува, тогаш ќе почнеме да имаме проблеми. Тогаш светот почнува да ги гледа недостатоците,“ порачал претседателот на компанијата за истражување на земјоделскиот пазар, Агресорсес, Ден Бејс.
Сите овие проблеми на куп се очекува да резултираат со поскапување на цената на пченицата и на пченката за околу 30% од крајот на 2021.
За долгорочноста на овој проблем ќе се погрижи војната која најверојатно ќе го оневозможи барем пролетното ѓубрење на житарките и сеидбата за следната жетва.