
Неколку европски медиуми објавуваат дека кинескиот Тему во неколку земји-членки на ЕУ и во Швајцарија веќе подготвува логистика за продажба на прехранбени и други производи, со што директно ќе им конкурира на популарните трговски синџири од типот на Лидл, Алди или Керфур.
Во Европа тоа веќе се смета за кинеска офанзива на чувствителниот пазар на храна и се очекува бурна дебата против „агресорот“. Главните предности на Кинезите би биле разработената платформа за дигитална продажба и широкиот асортиман понудени производи.
Преку дигиталната апликација на Тему веќе може да се нарачаат слатки, грицки, па дури и месо. Планот е понудата да се засили до степен да се натпреварува со германските супермаркети. Весникот Lebensmittel Zeitung објавува дека нискобуџетната онлајн продавница во моментов се фокусира конкретно на помали компании и добавувачи од Европа. Се шири и асортиманот на козметика и градинарски материјали.
Групи на потрошувачи долго време предупредуваат дека квалитетот на производите на платформата често пати не го исполнуваат германските или европските безбедносни стандарди, што значи дека стоката може да содржи опасни состојки или да биде лошо изработена. На оваа карта играат и трговските синџири.
Квалитетот, безбедноста и одржливоста на производите се важни, особено кога станува збор за храна, која е особено чувствителен производ. Таму нема компромис, објави синџирот Едека.
Mедиуми што реагираат на очекуваната кинеска „агресија“, префрлаат одговорност и врз раководството на Европската Унија, особено врз Урсула фон дер Лејен. Ја критикуваат дека наместо да се фокусира на градење и зајакнување на заедничкиот пазар, како основен опис на нејзиното работно место, се занимава со прашања од одбраната, фискалната централизација или климатските промени. Во таква ситуација цените во ЕУ растат, што резултира со потребата од забрана на странската конкуренција.