Инвеститорите вложуваат повеќе пари во авторитарни режими во кои лидерот има солидно образование, покажува истражување, на ни помалку ни повеќе, Народната банка на Финска. Доколку ова образование е на тема економија, а владетелот има претходно искуство во бизнис, инвестициите од странци растат уште повеќе.
Зад овие ставови стојат бројки од директни странски инвестиции во 100 диктатури во периодот од 1973 до 2008.
„Некомпетентноста ги одвраќа инвеститорите во поголема стапка отколку ризикот од запленување на имотот. Ние не успеавме да најдеме поврзаност меѓу возраста на диктаторите, претходното политичко искуство и приливот на странски инвестиции,“ објаснуваат од финските истражувачи.
Она што за инвеститорите е привлечно кај диктатурата е што таму еден човек ја носи крајната улога, и не постои систем или алатка која може да го спречи извршувањето на неговата одлука.
Плус, инвеститорите имаат историски лоши примери за однесувањето на економски непотковани (необразовани) диктатори. Таков е примерот со поранешниот лидер на Мијанмар, Не Вин, кој започна монетарна реформа во која воведе банкноти од 45 и 90 кјати, која беше наредена „делумно затоа што неговиот астролог го советувал дека треба да објави валута со нови деноминации чии бројки го даваат бројот 9.“