Од просечна 40-часовна работна недела вработените во големите компании минуваат по 18 часа на состанчење. Овие бројки се и покрај тоа што вработените притоа одбиваат 14% од сите покани за состанок, а кога се искрени кажуваат дека би сакале да одбијат барем уште два пати по толку.
Некритичкото седење по состаноци јаде околу 25.000 долари по вработен годишно, што излегува некаде околу 101.000 милион долари за секоја организација што вработува повеќе од 5.000 луѓе.
Професорот од Универзитетот на Северна Каролина кој ја спроведува студијата, Стивен Рогелберг, има проблем и со тоа зошто вработените воопшто прифаќаат состаноци:
„Состаноците нè ограничуваат, а излишните состаноци чинат многу. Имаш покана за работен состанок и си велиш ’не морам да бидам овде’ па сепак прифаќаш - зошто?“
Објаснувањата што ги даваат вработените за присуство на незадолжителни состаноци се од тоа да не го навредат колегата што го свикал состанокот, до тоа тие самите да не излезат несериозни, или пак да не мора подоцна да ги препрашуваат колегите што се случило и што е договорено. Последното е карактеристично за жените за кои посебно е непријатно дополнителното цимање и препрашување на колегите.
Едно од правилата до кои се држи Рогелберг околу корисноста на состанокот и твоето присуство на него е „ако однапред немаш прашања, не треба да си на состанокот“.
Советот на Рогелберг до работодавците е да го пресметаат трошокот на непотребните состаноци со тоа што дневницата на вработени ќе ја помножат со времето минато на состанок, за да знаат колку ќе ги чини присуството на секој вработен.