Според сторијата на Шпигел, претставниците на овие компании тајно се среќаваат во работни групи во кои дискутираат за "технологијата, трошоците, снабдувачите, па дури и за прочистувањето на издувните гасови од нивните дизел возила." Целата ексклузива на Шпигел се базира на писма што Фолксваген и Мерцедес ги испраќаат до германските власти надлежни за конкуренција.
По веста се огласија и европските анти-монополски тела, кои изјавија дека ги испитуваат обвинувањата за картел, "мерка која може да резултира со сериозни казни за компаниите".
Средбите на претставниците на картелот вклучувале околу 200 вработени поделени во 60 работни групи. Наводно тука компаниите меѓу другото договориле да користат Адблу резервоари кои се премногу мали. Адблу е течноста што се користи за намалување на загадување од дизел моторите.
И Фолксваген (кој ги поседува Порше и Ауди) и Мерцедес одбиле да коментираат околу тврдењата, а БМВ ги отфрлило.
Мерцедес (поточно Дајмлер, под кој потпаѓаат брендовите Мерцедес-Бенз и Смарт) неодамна повлече 3 милиони автомобили, заради апдејт на софтвер што требало да ги намали издувните гасови од дизел. Во петокот Ауди повлече околу 850.000 возила заради еден сличен апдејт.
Тајните состаноци "ја поставиле основата" за скандалот на Фолксваген со лажирање на тестовите за загадувањето од нивните дизел возила од 2015, во кој компанијата беше фатена дека на повеќе од половина милион дизел возила продадени во САД тајно има инсталирано софтвер кој успева да ги прелаже сите задолжителни тестови за загадување.
Признавањето на измамата на крај го чинеше авто-производителот десетици милијарди долари во казни и отштета.