Иако првата пречка во овој план е да се притисне СВИФТ да го испочитува ова барање, процената е дека САД ќе може тоа да го направи или со добро или со закана дека ќе исклучат клучни делови од инфраструктурата на СВИФТ кои се наоѓаат на американска територија. Во 2020, САД употреби слични закани за да ја присили СИТА, мрежата на глобални авиолинии базирана во Швајцарија, од својата платформа да исклучи држави кои се под американски санкции.
Прашањето на Економист е дали ќе биде исплатливо Русија да се исклучи од СВИФТ. Одговорот е дека има три причини зошто нема да биде:
- Ќе и предизвика проблеми на Русија, ама нема да ја осакати.
- Ќе биде на штета и на Западот.
- Ќе биде контрапродуктивно на долг рок.
„Сценариото за исклучување од СВИФТ не е ново за Москва. Таа вежба за оваа можност од 2014, кога САД прв пат ја спомнаа опцијата таа да биде исклучена од мрежата заради инвазијата на Крим. Ако Русија денес е исклучена, тоа веднаш ќе предизвика проблеми за нивните банки и компании кои работат со странство. Меѓутоа веднаш ќе се активираат заштитните механизми. Руските банки и нивните странски партнери ќе користат друг начин на комуникација, како телекс, телефон или меил. Трансакциите масовно ќе се префрлат на СПФС, руската алтернатива на СВИФТ која не е ни приближно сеприсутна или софистицирана, но и понатаму употреблива. Како што инфраструктурата за плаќање во прво време ќе има проблеми, така Русија ќе претрпи одредено нарушување во работата, но не и катастрофа. Со тек на време, инвестициите ќе го направат СПФС системот побрз.
Во меѓувреме, Западот ќе претрпи контраудар. Се до сега САД својата финансиска моќ ја насочил кон помали и изолирани држави како Куба, Иран или Мјанмар. Русија има два пати поголема економија од која било економија на која САД некогаш и ставил ембарго. Секое нарушување на работата во Русија ќе се прелие во државите со кои таа соработува. Русија е петтиот по големина трговски партнер на ЕУ, а европските банки имаат 56 милијарди долари побарувања од руските државјани. Исто така ќе има и индиректна штета преку одмазда. Иран во 2018 немаше сила. Меѓутоа Русија е извор на 35% од природниот гас со кој се снабдува Европа и е дом на 310 милијарди евра на имот на ЕУ.
На долг рок и Америка ќе има загуби. Таа ја има контролата над меѓународните финансии благодарејќи на доминацијата на доларот и неговата значајна улога во глобалните системи за спогодување. Секоја држава која има непријатни односи со Америка ќе бара алтернативи на СВИФТ, додеа Европа веројатно ќе ги дуплира своите обиди за развивање на понезависна мрежа за плаќање. Искористувањето на СВИФТ против Русија од Кина ќе биде видено како ’генерална проба’ смета Адам Смит поранешен американски функционер во одделот за санкции. Тоа ќе и даде стимул на Кина да го засили ЦИСП, нивниот ривал на СВИФТ, исто како што и другите непријатели на Америка ќе почнат да бараат алтернативи. Мрежата, која веќе ги има некои од најголемите светски банки за свои клиенти, дозволува пораките да бидат пренесени и на кинески и на англиски. Нејзиниот дневен обем на трансакции е 50 милијарди долари со што останува далеку зад проценетиот обем на СВИФТ од 400 милијарди долари, но тој речиси се зголеми за два пати во изминатата година. Доколку го постигне обемот, американската финансиска доминација ќе биде под закана,“ анализира Економист.
Нивен предлог е да се разгледаат други орудија за економска блокада, на пример ставање на најголемите руски финансиски институции на црна листа, и да се забрани на американските банки да работат со нив. Меѓутоа признаваат дека и ова ќе има контра-мерки од Русија.
„Ова ја нагласува долгогодишната дилема за воведување економски санкции: иако тие се евтини кога се наметнати на мали држави, поголемите мети можат да возвратат.
Западот се уште има муниција. Но мора своите битки паметно да ги бираат,“ пишува Економист.