Најголемиот кошмар на САД: Кинези почнаа да купуваат кинеско

Уште пред драмата со американски брендови и ѕвезди (по најразлични основи) што се мешаат во кинеските проблеми околу Хонгконг, трговската војна меѓу Кина и САД почна да го буди шопинг-патриотизмот на Кинезите. Сега работите се влошени, за САД.

НБА е најголемата ѕверка која до сега се поклони пред Кинезите, откако направи сè што можеше за да се извини за твит на еден свој функционер што ги поддржа демонстрантите во Хонгконг. Ова немаше некој претеран успех, бидејќи кинеските продавници и покрај тоа почнаа од своите рафтови да ги вадат производите на НБА. Пред неколку месеци на слични маки беше Епл, и тоа не заради изјава, туку заради блокадите што САД решија да му ги воведуваат на Хуавеи.

Друга промена е што кинеските производи со тек на време станаа многу квалитетни, на пример во споредбата меѓу Хуавеи и Ајфон или некој Андроид уред, Кинезите решаваат парите да ги дадат на домашниот фаворит наместо на американската верзија.

Во 2019 кинески компании како Хуавеи и ДЈИ (дроновите) ги минаа Епл и Најк на годишниот список на 10 најомилени брендови во Кина. За годинава, половина од топ 50 брендови во Кина се локални, споредено со само 18 пред 3 години, а Алипеј (системот за наплата на Алибаба) и Хуавеи се на првите 2 места. Сличен раст како компаниите бележат и таканаречениот „црвен туризам“ и „црвена култура“, па во 2018 над половина милијарда луѓе посетиле „патриотски локации“ низ Кина.

Блумберг разговара со една тамошна „Инстаграм инфлуенсерка“ на тема мода која вели: „ги избегнувам Версаче и Живанши бидејќи како јавна личност сметам дека е екстра чувствително која е твојата позиција. Мислам дека не би поддржала кој било бренд кој јавно е против политичките верувања на мноштвото од кинескиот народ“.

Според бројки од 2018, САД на Кина и имаат продадено производи во вредност од 120 милијарди долари, што ја прави Кина трет по големина купувач на американски производи по Канада и Мексико. На пример, моментално Генерал моторс, најстариот американски производител на автомобили, продава повеќе автомобили во Кина отколку во САД.

Стравот е дека ваквото расположение на кинескиот купувач со тек на време може да се претвори во целосен бојкот на сите американски производи. Прилично свеж пример за тоа е Јужна Кореја чии производи Пекинг ги забрани за продажба откако тамошната влада изјави дека ќе му дозволи на САД да изгради одбранбен ракетен систем на нејзино тло. Како последица на ова јужнокорејските компании имаа загуба од 15,6 милијарди долари.

Во меѓувреме на најголемиот кинески он-лајн трговски центар, Тмол, три-четвртини од производителите имаат ставено „Made in China“ на своите производи. Во 2017 оваа етикета ја имаат помалку од половина.

24 октомври 2019 - 16:01