Манчестер јунајтед и парадоксот на профит без трофеи

Кога на кратко би требало да се раскаже историјата на Манчестер јунајтед таа би гласела: Алекс Фергусон со 38 големи трофеи во речиси 27 години, и после нешто ситно. Парадоксот е што во пари на клубот уште му е како Фергусон да е на клупа.

Манчестер јунајтед останува во фудбалскиот врв по заработка иако од заминувањето на Фергусон во 2013 нема освоено ни Премиер лига, ни Лига на шампиони. И покрај ова клубот во 2013 има приходи од 363 милиони фунти, за лани да достигне 590 милиони фунти, со што е на трето место само зад Реал и Барса.

Ваквата состојба не му е одржлива ниту на финансовиот на Манчестер, Клиф Бату, кој за Фајненшл тајмс признава дека тимот мора да почне да победува „не само за комерцијално да бидеме успешни, туку едноставно треба да победуваме затоа што на крајот тоа е нашата причина за постоење.“

Парите на контото на Јунајтед делумно се должат и на успехот на неспортскиот персонал на клубот (Јунајтед има 100 вработени ангажирани само на спонзорства), кој ги користи сите можни комерцијални канали за да го шири брендот и да жнее пари од тоа, повторно без никаков посериозен трофеј. На Манчестер треба да му се признае и тоа дека уште од основањето на Премиер лигата во 90-те активно работи на прибирање на фанови од сите ќошиња на планетава, заради што и може да истрпи пола деценија без титула а приходите и понатаму да му растат.

Самите извори на приходи на Јунајтед речиси однапред се знаат, па за сезонава тимот предвидува приходи меѓу 615 и 630 милиони фунти, што е скоро два пати повеќе од тоа што беше пред една деценија.

Една третина од приходите доаѓаат од телевизиски преноси, главно од нивниот удел во повеќе годишниот 8 милијарди фунти вреден договор за авторски права потпишан од Премиер лигата. Клубот добива дополнителни 18% од своите приходи од натпреварите. 75-илјадниот Олд Трафорд е распродаден за речиси секој натпревар.

Во 2015 клубот потпиша 10-годишен 750 милиони фунти вреден договор за спонзорство со Адидас, главниот спонзор на дресот на Јунајтед плаќа 559 милиони долари за 7-годишен договор кој завршува во 2022.

Сегментот во кој ништо не му е сигурно на Манчестер е Лигата на шампиони, каде годинешните ученици делат речиси 1,95 милијарди евра. Минатата година Реал го надмина Манчестер како најбогат клуб делумно благодарејќи и на трите последователни титули во Лигата на шампиони.

Ако изминативе неколку години стратегијата беше меѓу први три во Премиер лига и стигнување до четвртина финалето во Лига на шампиони, за следната сезона ЛШ за сега не му е загарантирана на Јунајтед имајќи го предвид лошиот почеток на сезоната.

Освен помалку пари од ЛШ, лошите резултати ќе повлечат последици од договорите со спонзорите, па така Адидас има клаузула во договорот со Јунајтед според која доколку клубот две сезони по ред не успее да се квалификува во врвните европски натпреварувања, тие ќе им скратат 21 милион фунти за секоја година што се без учество.

4 март 2019 - 18:23