Најголемите енергетски државни компании се: саудиски Арамко, КатарЕнерџи, Аднок од Абу Даби, руските Роснефт и Газпром, Националната иранска нафтена компанија и венецуелската ПДВСА.
Овие седум можат во следните 40 до 60 години да продолжат да произведуваат нафта и гас со денешната стапка, а од 2011 до денес 41% од сите нови наоѓалишта на нафта и гас се откриени токму од нив.
Извештајот на енергетските консултанти Вуд Мекензи, покажува дека вкупно националните компании од 2011 откриле нови извори со капацитет од 100 милијарди барели нафта, што е два пати повеќе од тоа што го имаат откриено најголемите приватни нафтени компании.
Еден од проблемите со ваквите бројки што го идентификува Ирина Слав во текстот за Оилпрајс е дека „најголемиот дел од веќе откриените нафта и гас во светот, две-третини од нив, се под контрола на седум компании, од кои четири се под санкции од страна на најголемите потрошувачи.“
Обидите ова да се релативизира со тврдењата дека овие залихи нема да бидат потребни до средината на векот и дека фосилните горива ќе станат излишни, беа пресретнати од суровата реалност по почетокот на војната во Украина.
„Владите на Европа и САД, глобално најголемите потрошувачи на нафта и гас, веруваат дека рефокусирањето на енергетската безбедност ќе биде само краткорочна.
Нивното резонирање е дека нафтата и гасот ќе бидат неопходни уште неколку години, додека не изградиме доволно ветерници и соларни фарми. Истото важи и за јагленот.
Фактот дека европските купувачи потпишуваат долгорочни договори со САД за течен гас, наведува на нешто сосема друго. Покажува признавање дека нафтата и гасот ќе останат да бидат многу неопходни не само во претстојните години туку и децении.
А има само седум компании кои можат да продолжат да снабдуваат со нафта и гас во претстојните децении без да се под притисок од закони, влади или активисти инвеститори, како што тоа е случајот со приватната нафтена индустрија изминативе години - притисок кој влијае врз стапката на производство.
Иднината, затоа, им припаѓа на националните нафтени компании,“ пишува Слав.