Процената на економистите е дека најверојатно САД повторно ќе се најдат во истата ситуација и тоа многу скоро.
Според нив уште еден сличен финансиски пакет ќе биде неопходен за стартување на економијата по смирување на епидемијата на ковид-19 во земјата. Меѓутоа пред тоа да се случи, најверојатно ситуацијата ќе бара уште еден итен пакет за економски стимул.
„Ова не треба да се смета за економски стимул - туку како социјално осигурување во катастрофална состојба во која што се наоѓа светот.
Поентата е да се запре времето на еден месец или шест недели за луѓето од ова да не излезат со преголем долг - да не гладуваат, да не го изгубат домот,“ објаснува професорот по финансии на МИТ, Џонатан Паркер.
Пакетот за стимул предвидува директни исплати за Американците до 1.200 долари по човек и 500 долари за дете, вклучително и оние кои немаат никакви приходи. Плус на ова е продолжено и надградено осигурување за невработеност, кое важи и за фриленсери. Реакцијата на социјалните служби се дека овие еднократни исплати се премногу мали за потребите на граѓаните.
Во овие 2200 милијарди долари вклучени се и 150 милијарди за властите на сојузните држави и локалните власти, 350 милијарди долари за малите бизниси и 500 милијарди долари за големите бизниси.
„Најголемиот дел од компаниите можат да се справат со 15 до 30 дена неработење, меѓутоа неколку дополнителни недели најверојатно ќе ги испоштат ресурсите за значителен дел од нив,“ се наведува во процената на агенцијата за рангирање, Мудис.
Инаку минатата недела 3,3 милиони Американци се регистрирале како невработени.
Моментално САД имаат речиси 70.000 заразени со ковид-19, и најмалку 1.050 смртни случаи.