Висок европски функционер за лондонски Тајмс порачува дека „Континентот мора да прифати дека двете неопходности за живот - храна и гориво - беа премногу евтини за цела една генерација, а лидерите на државите мора да бидат спремни да ризикуваат политичка штета и да им ја кажат вистината на гласачите.“
Цените на енергијата се под константен притисок од две страни: руската инвазија на Украина и упорната европска транзиција од стандардни на зелени извори на енергија. Резултатот од тоа директно се прелива на земјоделството и цените на храната, на кои дополнително влијае тоа што Украина е еден од главните извозници на житарки во светот или масло за готвење.
На пазарот во ЕУ ова се преслика со раст на цената на житните култури за 64,6% од март 2021, а на маслодајната репка за 77,8%.
„Европската комисија, која ги поставува клучните енергетски политики на Унијата, смета дека повисоките сметки одамна требало да се случат и дека тие се неизбежно соочување со реалноста,“ пишува Бруно Вотерфелд во Тајмс.
За европските функционери досегашниот „евтин“ живот во Унијата бил на трошок на животната средина и енергетска зависност од Русија.
„Да, енергијата од сега ќе биде многу поскапа. Енергијата беше премногу евтина последниве 40 години.
Профитираме од ова и создадовме огромно богатство на трошок на планетата Земја и, како што сега воочуваме, на сметка на геополитички дебаланс (со зависност кон Русија). И двете ставки треба да бидат коригирани. За да бидат коригирани треба да плаќаме повеќе за енергија - а исто и за храна. Двете основни животни потреби - храна и енергија - ги плаќавме премногу ниско во последниве 40 години,“ порачува Диедрик Самсом, шефот на кабинет на заменикот претседател на Европската комисија задолжен за енергетика, Франс Тимерманс.
Ваквата позиција на ЕК дека во Унијата до сега се терал премногу евтин живот за многумина навраќа сеќавање на должничката криза во Европа и политичките промени во држави како Грција, Португалија, Шпанија и Италија, кога на власт дојдоа десничарски популистички партии, заради што е и стравот од помирување со растечките цени.
Белгиските бројки покажуваат дека ефектите од намалувањето на ДДВ-то со цел да им се помогне на граѓаните да ги платат своите сметки за струја се збришани од растечките цени еден месец по нивното воведување.
„Даночното олеснување требаше да го намали годишниот семеен трошок за 237 евра, но по дополнителниот скок на цените во април се очекува дека сметките годинава ќе бидат поголеми за 450 евра,“ пишува Вотерфелд.
Во Франција, Макрон немаше ни еден ден славење на претседателската победа пред да треба да се справува со зголемените цени на горивата што одлучи да го решава со пари од буџетот. Ваквите субвенции само дополнително ќе го зголемат веќе и онака преголемиот француски дефицит од 6,5% во 2021, што е над два пати повеќе од лимитот од 3% во еврозоната.
Ова ни најмалку не ги бендисува европските бирократи според кој француските субвенции се „погрешен одговор“. Според нив не треба субвенции, туку треба помала потрошувачка.
Минатата недела ЕК ги поттикна граѓаните на Унијата проблемот со високите цени да го решаваат така што ќе ја намалат личната потрошувачка на енергија, со што ќе ги намалат и приходите на Москва од продажба на енергенси.
Во исто време за Самсом, социјалните немири најверојатно се неизбежни бидејќи има премалку политички простор а политики кои би го ублажиле ударот од повисоките цени на сè.
„Ова не може да биде направено преку ноќ бидејќи создава премногу хаос и проблеми во општеството. Но имајќи ја предвид сегашната ситуација имаме многу малку време,“ порачал Самсом.