Сличен пример на неуспешни субвенции има и Генерал моторс кој во 2012 најавува изградба на нова фабрика во Мериленд откако добива речиси 120 милиони долари во субвенции за истиот проект. Ветувањето во тоа време е фабрика која доведува до економски раст кој пак доведува до нови работни места. Минатиот ноември ГМ објави дека ја затвораат фабриката како дел од реконструкција на компанијата.
Еден од најболните удари на темава Американците го имаат од кинески Фокскон (компанијата што го составува Ајфонот) кој во Висконсин вети инвестиција од 10 милијарди долари и 13.000 работни места, а за возврат требаше да добие даночни олеснувања од некои 4 милијарди долари.
Ова беше во 2017. До јануари годинава вработени се само 178 луѓе, плановите за гигантска фабрика во најдобар случај се под сомнеж, и сега Фокскон ги редимензионира своите ветувања од фабрика на центар за развој и истражување.
Пообемна економска анализа прави споредба на градови кои победиле на некое наддавање за привлекување компании (со субвенции) и оние што изгубиле. На крај излегува дека градовите „победници“ не генерирале нешто многу повеќе приходи над она што го потрошиле на субвенции, а дури и кога имало нешто вишок тоа довело само до мал раст на економската активност.
Дополнителна анализа на 30 различни студии открива дека субвенциите само во помалку од 25% од случаите имале вистинско влијание врз одлуката на компанијата за инвестирање. Или како што тоа го толкува економистот Амихај Глејзер од Јеил, тоа значи дека во најголем дел од случаите компанијата ќе инвестирала и со и без даночното олеснување или други субвенции.
Глејзер прави и сопствено истражување во кое собира податоци од 82 компании кои инвестирале во нови погони и фабрики во САД од 1982 до 1993, и колку и што субвенции добиле за својата работа. До 2010 24 од овие компании затвориле. Иако логиката зад даночните олеснувања и слични субвенции е економски раст и исплатливост на проектот, резултатите покажале дека „фабриките во сојузните држави со повисоки субвенции било поверојатно да затворат до 2010“.
„Што се случува тогаш?
Мојата теорија, базирана на истражувањата што ги спроведов, е дека компанијата на која и се нудат големи пакети субвенции е поттикната да избрза со изградбата фабрика или канцеларии без да спроведе темелна проверка за да се осигури дека ја носи најдобрата одлука за себе.
Друго објаснување (за избрзувањето) е политика: односно дека компанијата сака да го потпише договорот и да осигури субвенции додека се уште е на власт гувернерот што ги понудил истите,“ пишува Глејзер.