Пред неколку години, во моментот кога Шабан почнува да се интересира за бизнисот, француските сточари, поточно млекарите, се во очајна ситуација во која губат пари со секој литар што го продаваат, а цените на нивниот производ постојано паѓаат заради притисокот на големите групации продавачи.
Шабан прави математика според која, ако купувачите платат само 8 евро центи (4,9 денари) повеќе за литар млеко, тоа сериозно ќе им помогне на млекопроизводителите да не пропаднат “или нешто полошо: стапката на самоубиства меѓу француските сточари е 30% повисока отколку кај општата популација“.
„Просечниот француски потрошувач купува 50 литри млеко годишно. Тоа значи дека ако купувачите годишно потрошат само 4 евра повеќе на нивното млеко, производителите ќе можат да преживеат. И јас бев уверен дека тие ќе бидат подготвени да го направат тоа,“ објаснува Шабан.
Тоа што тогаш е претчувство до сега е претворено во бренд за млеко од кој од ноември 2016 до сега потрошувачите имаат купено 123 милиони литри, што го прави четврти по големина бренд за млеко во Франција.
C’est qui le patron?! (Кој е шефот?!) е управуван од кооператива од 7.500 членови од кои секој има платено по 1 евро за да се приклучи, и сите заедно решаваат за висината на цената.
Откако тргнува приказната со млекото, под истиот овој бренд во продажба се пуштени над 30 најразлични француски производи „од мед до месо, од брашно до сок од јаболка, од сардини до чоколади“.
Производите кои се продаваат само во буџет маркетите ниту се рекламираат на телевизија, ниту се промовираат во маркетите, ниту агресивно се натураат од тимовите за продажба.
„Движењето е одговор на долгогодишниот притисок што големите ланци на маркети можеа да го извршат врз производителите во голем број развиени економии во изминатите две децении. Конкуренцијата за место на полиците на супермаркетите е толку интензивна што земјоделците честопати прифаќаат смешни цени за нивните производи,“ се објаснува во текстот на Гардијан.
Наспроти базичната претпоставка на супермаркетите дека купувачите сакаат што поевтина (поконкурентна) цена на производите, проектот на Шабан во рок од 3 години успева да освои речиси 11,5 милиони француски потрошувачи. Во исто време тие ги унапредија приходите на над 3.000 сточари и производители.
„Морам да кажам дека немам чувство дека ова е помодарство. Навистина мислам дека зборуваме за вистински длабоко поместување во навиките на потрошувачите - сфаќање, во основа, дека големите супермаркети заборавиле што навистина е важно.
Многу голем број потрошувачи сега сакаат да се однесуваат поодговорно. Тие претпочитаат, ако е можно, да купуваат здрава, квалитетна храна, етички произведена, транспарентно и со внимавање на здравјето на животните и околината од страна на луѓе кои се фер платени за ова.
И ти се подготвени да платат повеќе за тоа,“ изјавува Шабан.
Процедурата на развивање на нов производ започнува со гласање од потрошувачите кои на сајтот на брендот избираат кој ќе биде следен производ што треба да се додаде. Откако производот ќе биде избран, потрошувачите преку пополнување на прашалник одлучуваат околу спецификациите, пакувањето и цената.
На пример, ако се воведува компир, потрошувачите прво добиваат брифинг на сајтот за основните на неговото одгледување, па потоа тие преку прашалникот решаваат каде и под кои услови тој треба да биде одгледуван и чуван, дали треба да биде органски, дали вреќичките треба да бидат од најлон или хартија, и цената што треба да му се плати на производителот „пазарна, на нула, фер или да дозволува инвестиции“.
Секој одлука се носи по основа на мнозинство од гласовите, а членовите на кооператива, оние што ги поставуваат клучните параметри и насоката, имаат по еден глас како и сите други. CQLP (C’est qui le patron?!) своите трошоци ги покрива наплаќајќи рамна давачка од 5 центи на секое заработено евро.
Следно на што работи CQLP е пуштање на апликација која ќе им дозволи на потрошувачите да скенираат кој било производ во француските супермаркети и неговите карактеристики (цена, состојки, производство, потекло...) да ги споредат со стандардите на CQLP.