Логиката зад стравот од Ајфонот е дека авто-индустријата со децении го има најпривлечниот производ за млади муштерии. Без разлика дали во форма на Форд Мустанг со 16 вентили, или пикап на Генерал моторс, "тие продаваат нешто друго: слобода. Тинејџерите се лигавеа над замислата дека ќе наполнат 16 години, ќе земат возачка, и ќе ја добијат независноста од своите родители." Па од перцепција на директорите на Форд, тие до сега го имаат преживеано и подемот на јапонските производители, и промената на производството и финансиската криза, ама сега треба да се соочат со "млади кои се заинтересирани за релативно евтини уреди, кои на тинејџерите им нудат новооткриена дигитална слобода што ја порази целата нејзина аналогна конкуренција."
"Автомобилот беше знак дека си пораснал, знак на слобода. Сега, за тинејџерите знак дека си пораснал е смартфонот," ја пренесува Ник Болтон изјавата што тогаш му ја дава еден од директорите на Форд.
Истата оваа година Течкранч пишува за еден млад старт-ап наречен Убер, кој неодамна успева да собере 11 милиони долари. Во тоа време Гугл се уште нема јасен план за тоа како ќе го развива долго ветуваниот автомобил без возач, а Елон Маск уште нема ни спомнато за Тесла Модел С.
"Има малку луѓе кои можеа да предвидат што ќе му направи Силициумската долина на Детроит во тек на една деценија. Деновиве, на пример, Тесла стана највредниот авто-производител во САД, преминувајќи го 108-години стариот ГМ, во пазарна вредност. Ова се случи само една седмица откако Тесла го помина и Форд. Којзнае колку време ќе треба пред Тесла да ги мине и странските производители, вклучувајќи ја Хонда, БМВ и Тојота.
Тесла има нешто што ниту една друга автомобилска компанија не е ни блиску да им го понуди на своите клиенти: Маск, кој е обожуван од нердовите насекаде. Дури и оние што не се нердови знаат кој е тој, и да бидеме искрени, колку луѓе во Америка го знаат името на ЦЕО-то на друга автомобилска компанија?" пишува Болтон.
Тој потсетува дека Тесла уште ја немаат дефинитивната победа, барем не во САД, бидејќи лани испорачаа околу 80.000 автомобили, наспроти над 10 милиони од ГМ. Во исто време тука е и Убер, кој, на хартија, вреди околу 68 милијарди долари, или 17 милијарди повеќе од Тесла. Болтон објаснува дека иако е точно дека Убер не произведува и продава автомобили "тоа може да е само прашање на време, и да не заборавиме дека на акциите на Тесла постојано им се случуваат падови, заради инвеститорите кои сметаат дека статусот на Маск ја има кренато вредноста на акциите, а дека сопствениците на Тесла возила се навлечени на култот околу него".
Она што е сега проблем за авто-индустријата е дека таа се претвори од најсигурен бизнис во една од најнепредвидливите индустрии во американската економија.
"Никој не знае дали во иднината ќе поседуваме коли, дали ќе ги нарачуваме како Убер, ќе ги изнајмуваме или комплетно ќе ги напуштиме. Дали ќе бидат на соларна енергија, на хидроген, на бензин, струја или наши телесни течности, или некое ново гориво што ќе биде создадено некаде во некоја лабораторија?
На ист начин како што Форд мислеше дека Ајфон му е најголем конкурент, постојат дузини други компании кои би можеле за кратко време да ја соборат Тесла. Можеби Амазон ќе влезе во бизнисот за автономни возила, или Епл, Гугл, Волво, БМВ, Убер, или кој било од старт-апите за кои никогаш немаме чуено, градат конкурентска авто-компанија што за неколку години ќе биде највредната авто-компанија во Америка.
Ако Ајфон може да преплаши директори на Форд, човек се прашува кој се уште незамислив производ може да го поремети новиот авто-пазар. Хенри Форд можеби се врти во гроб, ама Маск веројатно е многу добро запознаен со ова. Целосно е возможно дека некој, некаде работи на нешто што никогаш не сме помислиле дека може да ја измести Тесла. Засега, инвеститорите се надеваат дека тој некој е Елон Маск," пишува Болтон.