Како Дојче банк помогна да се извадат милијарди долари од Русија

Секој викенд од есента 2011 до 2015, рускиот брокер Игор Волков се јавува во одделот за капитал во седиштето на Дојче Банк во Москва. Врши две симултани трансакции.

Во првата со руски рубљи во вредност од 10 милиони долари купува силни руски акции, пример од Лукоил, за компанијата што ја претставува. Во втората, во име на друга компанија, најчесто офшор, ги продава истите руски акции во истото количество на берзата во Лондон, за долари и фунти. И двете компании имаат ист сопственик. 

"Дојче банк му помагаше на клиентот да купува и да продава на самиот себе.

На прв поглед, трговијата изгледа банална, дури и бесцелна. Дојче банк заработува мала провизија за купувањето и продажбата, меѓутоа во финансиска смисла клиентите се на исто место каде што започнале. Индивидуално да ги анализираш трансакциите, е како да стоиш премногу блиску до слика на импресионист - ги гледаш движењата на четката, ама не го гледаш цвеќето.

Овие трансакции немаат никаква врска со профит. Тие се само начин за преселба на пари. Бидејќи руската компанија и офшор компанијата имаат ист сопственик, овие налик вообичаени трансакции имаат алхемичарска цел: да ги претворат рубљите заглавени во Русија, во долари собрани вон Русија. На московските пазари, ваквата измена на сопственост е позната под името 'конверт' (плико),"  пишува Ед Цезар во Њујоркер.

Плико трговијата по својата природа не е нелегална. Целта на одделот за капитал во инвестициските банки е да им помогне на веќе одобрени клиенти да продаваат и купуваат акции, а притоа постојат и легитимни причини за правење на симултана трговија. Пример, ако клиент сака да извади ќар од разликата меѓу локалната цена на акцијата и цената на странска берза.

Токму затоа што ваквата трговија не е во спротивност со какви било закони, дел од вработените во руската централа на Дојче банк во тоа време отфрлаат дека оваа активност е несоодветна.

Шемата на Волков е откриена во април 2015, по 2-месечна внатрешна истрага во банката. По извештајот од истрагата отпуштени се тројца вработени на банката, двајца со руско потекло кои работат во одделот за капитал, Дина Максутова и Георги Бузник, и еден Американец, инаку шеф на овие двајца, Тим Визвел. Според Блумберг њуз, дел од парите што се изнесени со помош на Дојче банк му припаѓаат на Игор Путин, роднина на рускиот претседател, и Аркадиј и Борис Ротенберг, сопствениците на најголемата руска градежна компанија, СГМ, пријатели на Путин и дел од луѓето од американскиот список за санкции. (Компанијата минатата година доби договор вреден 5,8 милијарди долари за изградба на речиси 20 километри долг мост меѓу Русија и Крим.)

На добар дел од сегашните и поранешните вработени од Дојче банк не им е јасно како оддел за капитал во така минорна филијала, успева да го извалка имиџот на целата банка. Претставништвото во Москва има очигледна функција: да купува и продава акции за веќе одобрени клиенти на банката. Дополнително, секој нов фонд од земјата кој сака да тргува со Дојче банк е два пати проверен, во Москва и во Лондон.

Игор Волков, човекот кој се јавува за викенди, претставува повеќе фондови кои се базирани и тргуваат во Русија и во странство. Фондовите најчесто имаат генерички имиња како Вестминстер, Чадборг, Черифилд, Фајненшл бриџ и Лотус. Тие работат со обични регуларни акции. Волков во московското претставништво влегува во 2011 преку Сергеј Суверов, задолжен за анализа на продажбата. (Суверов по кратко време ја напушта банката, и не е обвинет за никаква злоупотреба.) По кратко време Волков на своите контакти во Дојче банк (најчесто Максутова) им најавува дека ќе сака да прави поголем обем на симултана трговија.

Соработката меѓу Волков и Визвел, Максутова и Бузник ни најмалку не е тајна. Тие се среќаваат и отворено дискутираат за неговите барања и трансакции. За плико трговијата знаат и повеќе вработени на Дојче банк во Лондон. Канцеларијата во Лондон дури и спроведува речиси половина од неговите трансакции.

"Тоа се застапници управувани од руски посредници кои земаат провизија за плико трговијата во име на богати Руси или компании желни да ги испратат своите пари на офшор сметки.

Бизнисмен кој сака на ваков начин да ги пресели парите инвестира во фонд како Вестминстер, кој потоа ги користи парите за плико трговија и префрлање на тие пари во офшор фонд како Черифилд. Офшор фондот потоа ги префрла овие пари, во долари, на приватната офшор сметка на бизнисменот. Провизијата за посредникот, по засилување на мерките против изнсеување пари, во 2015 се искачува на 5%.

Шемата не е воопшто нова и е измислена од другите банки во Русија, со цел да им помогнат на увозниците да ги избегнат големите даноци на увезените производи. На пример рускиот увозник на фактура тврди дека увезол, да речеме, десет гумени патки, а не точната бројка од петнаесет илјади гумени патки, со цел да плати данок само на десет гумени патки. Бидејќи увозникот и понатаму треба да му плати на добавувачот од странство за останатите 14.990 патки, тој ги вади парите преку плико трговија. Наместо да плати голем данок на државата, увозникот плаќа мала провизија на посредниците," објаснува Цезар.

Првите проблеми настануваат кон крајот на 2012, кога Максутова оди на трудничко боледување, а Бузник ја презема работата со Волков. На Бузник не му се допаѓа тоа што Волков извршува толкав обем на идентични симултани нарачки за купување и продажба, и два пати бара да се види со Визвел околу тоа. Визвел го уверува Бузник дека сè е во ред.

Никој од Дојче банк не реагира дури ни кога еден од фондовите со кој управува Волков, Вестминстер, е блокиран од руските финансиски власти, заради што не може на банката да и префрли акции во вредност од неколку милиони, што таа веќе ги има платено. Работата е средена во ноември 2012, кога Вестминстер го враќа својот долг.

Редовноста и шаблонот во работата на Волков веќе почнува да наведува на злоупотреба. Клиентите редовно губеле мала сума на пари, бидејќи разликата во цената на акциите на берзите во Москва и Лондон најчесто не била во нивна корист, плус требало да плаќаат провизија за секоја зделка. Според поранешен менаџер на Дојче банк "очигледната подготвеност на страните редовно да губат пари, би требало да ги активира алармите," дека целта на таа трговија е изнесување капитал.

Не само за тројката од Москва, туку и за кој било вработен на Дојче банк шемата би била очигледна бидејќи најголемиот дел од фондовите кои ги претставува Волков или се наоѓаат на исто адреса или имаат ист сопственик.

Внатрешната истрага на Дојче банк покажува дека уште на почетокот од 2014, до централата на банката стигаат повеќе барања во кои се алармира околу плико трговијата, и тоа доставени од страни како Хеленик банката, Руската централна банка, па и самите контролори на Дојче банк. Кога директорите на Хеленик банк ја контактираат Дојче банк и бараат информација околу невообичаените трансакции, тие не добиваат одговор од одделот за поплаки. Наместо тоа, нивното барање е испратено до одделот за капитал во Москва кој всушност ги извршува овие трансакции. Дојче банк Москва ја уверува Хеленик банк дека сè е во ред со трансакциите.

Во јуни 2015 под притисок од овој и други финансиски скандали, ЦЕО-та на Дојче банк објавија дека ќе поднесат оставка. Новиот ЦЕО најави дека ќе ја прекине комплетната инвестициска активност во Русија.

Целата анализа на Њујоркер, тука

 

23 август 2016 - 13:46