Годинава Кина создаваше по еден милијардер секоја недела, достигнувајќи ја бројката од 750 милијардери што е повеќе од Индија, Русија и Германија, заедно. Единствено САД со 830 милијардери имаат повеќе од нив.
По десетици години незапирлив раст и богатење, сега фокусот на богаташите се менува од правење пари на чување пари, откако властите почнаа да работат на „општ просперитет“.
Тоа што им е најпроблематично на богаташите е што не знаат и не се сигурни што точно оваа пракса значи и до каде ќе се тера. Првите одлуки на Пекинг „инспирираа“ бран на филантропија, кој официјално се смета за форма на прераспределба на богатството, а сега властите отворено почнаа да зборуваат и за нов данок на недвижности.
Освен филантропијата, една од главните мерки за одбрана на богаташите е никому да не му влегуваат во око, што главно важи за социјалните мрежи. Изминативе години, обичен народ користеше постови, некои и по неколку години стари, за на интернет да нападнат славни личности и богаташи.
Заради криптичен пост на социјалните мрежи кој се толкуваше како критика на кинеската влада, основачот на компанијата за испорака на храна Меитуан, Ванг Ксинг, изгуби 2,5 милијарди долари. Против актерката Женг Шуанг беше започната истрага за затајување данок и и беше наредено да плати 46 милиони долари казна откако на социјалните мрежи се појави скандал со сурогат мајката што ја ангажирала.
Кина истовремено го отежна и вадењето пари од земјата, вклучително и воведување забрана за трговија со криптовалути, заради што поскапеа и услугите за перење на пари или вадење на пари од земјата.
Друга работа е што моментално Кина не го оданочува наследството, меѓутоа богатите стравуваат дека наскоро и тоа ќе почне.
Една од препораките за кинеските богаташи е да почнат да инвестираат во странски компании, бидејќи нивните портфолија моментално речиси исклучиво се во домашни компании. Дури и да не беа новите мерки на властите, ова се препорачува како заштита од економски шокови во Кина или понатамошни турбуленции на пазарот на недвижности.