Филмови инспирирани од видео-игри се очекува да бидат главна конкуренција на холивудските филмови со супер-херои. Во 2023-та, се очекува да излезе филмот за Супер Марио (види: Излезе првиот трејлер за „The Super Mario Bros“) во ко-продукција на Нинтендо и Илуминати, студио што стои зад Мињонс. Првата топ-серија на HBO за наредната година, исто така е инспирирана од гејминг и ќе биде адаптација на The Last of Us според популарната игра на ПлејСтејшн. Стриминг платформите се подготвени да го следат трендот со серии направени според познатите God of War, Fallout и Assassin's Creed.
Само за првата половина од 2023-та се најавени игрите Star Wars, Harry Potter, Final Fantasy и Тhe Legend of Zelda, што значи дека ќе биде добра година и за самите видео-игри.
Гејминг-индустријата денес е бизнис од 184 милијарди долари. Нејзиниот потенцијал е главен мотив за експерименталните авантури со виртуелни светови на Мета (екс Фејсбук), а и Нетфликс планира да ја прошири својата база на претплатници така што ќе стане водечки девелопер и дистрибутер на видео-игри.
Не сите приказни се среќни. Е-спорт добива сè повеќе корисници, но слабо стои со пари. Гугл, кои се надеваа дека ќе ја здрмаат индустријата, во јануари ќе ја затворат својата гејминг-платформа Stadia.
Дури и Саудиска Арабија вложи 32 милијарди долари во гејмингот, за диверзификација на економското портфолио и подобрување на имиџот.
Во секој случај, гејмингот што постои веќе половина век, пушта сè подлабоки корени, бидејќи првите деца што растеа со игрици сега се родители спремни да го заразат подмладокот, со што демографијата се комплетира. Богатите го знаат тоа, а младите играчи за кои играњето досега беше само интересно тепање време, сè повеќе гледаат можност да го уновчат своето хоби и да ја пореметат хиерархијата.