Истите луѓе што алармираат на „предавниците“ во своите редови предупредуваат и дека делумното нафтено ембарго малку ќе помогне во наштетување на Путин или прекратување на војната.
Главни виновници се транспортни компании од Грција, Кипар и Малта, кои изминативе седмици работат под полна пареа, за да искористат што е можно повеќе од зголемените цени за танкерски превоз. Пратките што тие ги имаат исполнето се проценува дека го наполниле руското конто за милијарди долари.
Трите држави имаат „рапидно зголемување на превозот на руска сирова нафта секој месец од почетокот на војната.“
Во февруари, танкери од трите држави пренеле 31 милион барели руска нафта. Во мај бројката се искачила на 58 милиони барели. Од почетокот на војната бродовите од трите држави имаат превезено вкупно 178 милиони барели, во вредност од 17,3 милијарди долари. На почетокот од војната на бродските превозници од овие три држави отпаѓа околу една третина од извозот на нафта од руските пристаништа. До мај, бројката е нешто над половина.
„Нафтеното ембарго треба да е нафтено ембарго, а ова не е нафтено ембарго.
Ова е политика, која делумно ќе ја намали испораката на нафта додека истовремено ќе промовира некакви структурни промени во индустријата за нафтена логистика,“ изјавила професорката по финансии од Беркли, Анастасија Федик.
Дури и санкциите на ЕУ со кои се забранува морски превоз на руска нафта не се санкции што одма почнуваат, туку мерки кои во текот на претстојните месеци етапно ќе бидат спроведувани.
Официјално шестиот пакет санкции предвидува дека Унгарија ќе може да увезува руска нафта преку нафтовод, а компаниите за бродски транспорт од Грција, Кипар и Малта, со бродови регистрирани во ЕУ, ќе можат да продолжат да превезуваат нафта од руски пристаништа до не-ЕУ држави.
Во пракса ова значи дека танкери од овие три држави можат да профитираат од превоз на нафта од Русија за Кина или Индија, и да дозволат Русија и понатаму да има прилив на пари од нафта, додека остатокот од Унијата ги трпи финансиските последици од санкциите кои треба да ја вразумат Русија.
Бидејќи голем број транспортни компании решија да ја казнат Русија со одбивање да превезуваат нејзина нафта, овие кои се уште ја немаат казнето наплаќаат по 32.500 долари на ден за транспорт, наспроти цената од помалку од 10.000 долари на ден што беше пред инвазијата.
Токму оваа дупка што ја остави ЕУ, за да добие согласност за каков-таков шести пакет санкции е најкритикувана од експертите, според кои „европските жители плаќаат повеќе пари за руска нафта без притоа да ја казнат Русија, притоа всушност само зголемувајќи го рускиот приход од нафта“.