Сите овие 22.000 лица од 2000-та до денес од Кина имаат изнесено околу 4.000 (четири илјади) милијарди долари и истите им се "паркирани" на офшор сметки на Карибите. На списокот се некои од најмоќните луѓе во Кина, вклучувајќи 15 од најбогатите Кинези, членови на Народниот конгрес и директори на државни компании.
Во целата работа повторно се вклучени швајцарски банки кои биле клучните посредници што им помогнале на кинеските клиенти да отворат фондови и компании на Британските девствени острови, Самоа и слични офшор центри. Во податоците на ICIJ (International Consortium of Investigative Journalists) има наоди за криење пари од компании од секоја можна индустрија во Кина, од нафта до трговија со оружје.
"Кинеските функционери не се обврзани јавно да го пријават својот имот и до сега граѓаните во најголем дел беа во мрак околу паралелната економија која може да им дозволи на моќниците да избегнат даноци и да продолжат во тајност со своите трансакции. Според некои пресметки, меѓу 1.000 и 4.000 милијарди долари се изнесени од Кина од 2000-та," стои во извештајот на ICIJ.
Во документите има податоци за офшор компанија која 50% е во сопственост на зетот на сегашниот кинески претседател Кси Џинпинг, Денг Џиагуи, инаку градежник и инвеститор во метали кои се користат во мобилните телефони.
Извештајот ги споменува и синот и зетот (со посебни компании) на поранешниот кинески премиер Вен Џиабао. Првиот братучед на поранешниот претседател Ху Џинтао. Ќерката на поранешниот премиер Ли Пенг. Зетот на Денг Сјаопинг.