Како дел од даночните олеснувања кои беа промовирани и потоа потпишани од претседателот Трамп, корпорациите како Епл може да сметаат на даночна стапка за репатријација од 15,5 отсто, доколку ги вратат купиштата пари кои сега ги држат во странство.
Новата стапка е повисока од „едноцифрен број“, кој Кук еднаш го побара од Конгресот во 2013 година, но сепак е значително помала од претходната даночна стапка за репатријација што изнесуваше 35 отсто.
Сега Епл и Кук се пред дилемата дали да ја прифатат или отфрлат дадената можност. Дали највредната компанија во светот ќе продолжи да се потпира на даночните раеви за кои е критикувана или ќе ги враќа парите во матичната земја? И ако ги врати, кој навистина ќе има корист?
По инаугурацијата на претседателот Трамп, Кук изјави дека секој пакет даночни реформи што поттикнува репатријација би бил „многу добар за земјата и добар за Епл“.
Епл е далеку на врвот меѓу компаниите кои поседуваат готовина. На крајот на последниот квартал, Епл располагаше со 268,9 милијарди долари во готово и ликвидни хартии од вредност, од што повеќе од 250 милијарди долари чува надвор од САД.
Анџело Зино, аналитичар кој го следи Епл, очекува компанијата да го искористи даночното олеснување за враќање на „речиси сета готовина која ја чува надвор“.
Откако ќе го стори тоа, главен приоритет на Епл, најверојатно ќе биде да го забрза откупот на сопствени акции. Епл веќе се обврза на програма за враќање на 300 милијарди долари капитал, што вклучува откуп на акции и дивиденда за акционерите.
„Не верувам дека примарната употреба на вратените пари ќе биде зголемување на производството и на вработувањата“, вели Зино, иако, како што додава „сигурно ќе помогне“ за такво нешто.
На крајот на краиштата, дури и ако за вработување се издвои мал процент од кварталниот ќуп милијарди долари, тоа ќе биде огромна сума.