Економијата под опсада на пирамидални измами

По дефиниција измамата е во тоа што парите од инвеститорите не се користат за финансирање на бизниси кои би можеле да донесат пари, туку измамниците парите од новите инвеститори ги користат за исплаќање профит на старите инвеститори. И така во круг додека не пукне.

Она што сега го откриваат економистите е дека ваквото шеми може да се појават и ненамерно или пак намерно ама добро скриени.

Природни пирамидални измами
Кога целата измама се должи на природните правила на пазарот, а не заради манипулацијата на некој од учесниците. Станува збор за финансиските балони, кои се релативно нов член на колекцијата на пирамидални измами. Тука психологијата на инвеститорите е иста како и кај класичните измами, без разлика дали парите завршуваат кај градежник или берзански брокер. Во секој од овие случаи растот на цените (поточно очекувањето за нивен раст) е клучно за ширење на балонот.

Ова во изминатите години во светот се случуваше со пазарот на недвижности, што делумно беше причина за крахот на светската економија. Истото се случи и со цените на златото, кои остро пораснаа од 2009-та до 2011-та (затоа што инвеститорите очекуваа централните банки да зграбат што е можно поголем дел од светските резерви на злато заради баланс во однос на финансиската криза). Во рок од 3 години цената на златото порасна од 900 на 1.800 долари за унца. Во април 2013-та, се случи мала корекција на цените, што предизвика паника на берзите и најголем пад на цената на златото во изминатите 30 години.

Скриени измами
Перфектно легални бизниси кои во тешки времиња почнуваат со манипулации со цел да ја преживеат кризата. Ова се посебно проблематични за регулаторите бидејќи тие се преплетени со легалните активности на компанијата, и премногу директното применување на законите може да доведе до "оштетување на околното здраво ткиво, а ако се остават така постои ризик тие да почнат да се шират на него."

Пример за ова е кога компанија или влада, од време на време ќе почне со "жонглирање на долгови" (пракса која не е штетна сама по себе). Компанијата не сака да продаде дел од својот имот, за да врати дел од долгот. Наместо тоа, компанијата (поединецот, државата), почнува со жонглирање, односно позајмува од друго место за да врати на првото (исто како што вие правите со кредитните картички). Ако оригиналната позајмица не резултира со очекувани резултати, ваквото однесување може да доведе до крах.

Пример е Перу во 80-те, кога владата зема нови заеми за да ги исплати постојните. Владата очекува дека економијата ќе се подобри и тие ќе можат да ја врата каматата. Ова не се случува. Нивните надежи ги уништува земјотрес, и последователен пад на извозот на компир и шеќер, како и општата криза низ Латинска Америка.

Ваква ситуација имаме и со стартап компаниите во Силициумската долина. Тие вработуваат висококвалификувани инженери на кои им нудат почетен пакет составен од ниски плати (далеку под пазарниот просек) и акции од компанијата, кои гарантираат големи профити во иднина. Ниските трошоци за плати гарантираат дека компанијата може да профитира иако на муштериите им наплаќа ниски цени за своите производи. Во меѓувреме сопственикот на компанијата задржува дел од разликата меѓу евтиниот производ и уште пониските плати на новите вработени, додека остатокот им го дава на постарите вработени.

Како што фирмата расте со вработување на нови луѓе, сопственикот заработува уште поголем профит, иако во еден момент сето ова ќе крахира и ќе ги остави вработените без работа и во сопственост на безвредни акции.

Пример, стартап нуди мали плати, кои се пониски од паричната вредност на она што работникот го произведува. Заради ова, со секој вработен компанијата генерира одреден профит. И покрај ниските плати, луѓето сепак сакаат да работат за фирмата, заради ветувањето за акции и профитот од нив. Така, во првиот квартал фирмата ја дуплира својата работна сила и вработува еден нов човек (основачот / сопственикот), кој добива половина од целиот профит во тој период. Во следниот квартал, фирмата ја дуплира работната сила вработувајќи еден нов вработен, на кој му нуди една четвртина од профитот. Во третиот квартал, пак се дуплира бројот на вработени со ангажирање на двајца нови луѓе, за кои е одвоена по една осмина од приходот... На следната група вработени им се дава по 1/16 од профитот и.тн. секој иден квартал.

Овој план осигурува дека профитот на компанијата ќе се дуплира секој иден квартал. Затоа што вработените добиваат фиксен дел од профитот заработката од нивните акции ќе се дуплира секој квартал. Приходите на основачот доаѓаат од разликата во произведениот производ и ниските плати, затоа што основачот задржува дел од разликата додека остатокот го дели на вработените.

На крај сето ова пропаѓа затоа што планот бара бескрајно проширување на работната сила, што е невозможно во свет се ограничена популација.

Премногу големи за да не успеат
Исто како кај скриените измами и тука проблемот е мешавината на легално и недозволено финансиско работење.

Тука за самата измама придонесува очекуваното однесување на владата. Во индустриските економии, владите речиси редовно се подготвени да ги спасуваат големите корпорации кога тие се пред пропаст. Праксата на "премногу големи за да пропаднат" кон овие компании привлекува инвеститори кои знаат дека откако тие ќе станат доволно големи, владата ќе биде тука да ги спасува во случај на пропаст, и со тоа делумно или целосно ќе ги заштити инвеститорите.

Логиката зад ова инвестирање е дека ако пропадне вака голема компанија, колатералната штета за обичниот граѓанин ќе биде толку голема, што владата мора да се вмеша и да го спречи тоа. Ова пак создава друга логика кај инвеститорите кои без страв ги вложуваат своите пари, бидејќи знаат дека целиот профит можат да го задржат, а во случај фирмата да пропадне, минусот ќе биде покриен од интервенцијата на владата со парите на даночните обврзници.

Ова предизвикува преземање непромислени ризици и неодговорни финансиски потези од инвеститорите, што одигра сериозна улога во неодамнешната финансиска криза во светот.

27 мај 2014 - 12:00