Деновиве Бизнисвик го објави примерот со Реин дизајн производител на држачи за лаптоп кој го има најпродаваниот производ во оваа категорија на Амазон. По некое време Амазон решава дека и тие треба да го имаат истиот производ и почнува да произведува копија на производот на Реин дизајн, и да го продаваат по поевтина цена.
Реин дизајн е само една од компаниите што станува жртва на Амазон, кој „тивко ги рашири своите краци во неверојатен опсег на неповрзани индустрии.“
Меѓу останатото, Амазон моментално има:
- сервис за испорака на храна
- сервис за стримање музика
- клон на Етси наречен Амазон хоуммејд
- произведува хардвер и софтвер, и тоа успешно
- снима филмови и телевизиски шоуа
- прави видео игри
- има сајт за вработување
- објавува и продава книги, и има популарна социјална мрежа за луѓе што читаат книги
- продава пелени, бебешка храна, грицки, облека, батерии и мебел
- поседува огромен ланец супер-маркети за здрава храна
- продава реклами
- обработува плаќања и дава мали заеми
- сопственик е на неверојатно голем број сајтови, меѓу кои сајтот за стримање во живо, Твич, и ИМДБ.
Од топ 10-те индустрии во САД по БДП, Амазон учествува во 9.
„Амазон е станат железницата на 21-от век. Тој е исклучително важен за толку многу бизниси ама во исто време се натпреварува со сите тие бизниси.
Амазон ги поседува сите достапни податоци. Тие следат што луѓето пребаруваат, што кликаат, и што не кликаат. Секој пат кога пребаруваш нешто и нема да кликнеш, му кажуваш на Амазон дека има простор тој да влезе,“ објаснува поранешниот продукт менаџер на Амазон, Рејчел Грир.
Освен ова, Амазон знае каде живееш, каде се наоѓаш моментално (ако ја имаш инсталирано нивната апликација), кои телевизиски шоуа ги гледаш, што музика слушаш и кои сајтови ги посетуваш.
„Опсесијата со познавање на своите муштерии значи дека, иако од него се плаши речиси секој бизнис, Амазон е обожуван од неговите муштерии. Го сметаат за евтин, лагоден за користење и дека можат да му веруваат.
... И покрај ваквото богатство од податоци - богатство кое му дозволува да предвиди дали нивните муштерии тинејџерки се трудни пред тоа да го знаат и родителите - Амазон претежно избегнува да ги користи овие податоци на начин кој ќе предизвика нервоза кај луѓето.
Меѓутоа довербата што ја има создадено кај потрошувачите не ја одразува штетата што компанијата им ја прави на конкурентите, партнерите и вработените,“ се објаснува во текстот на Гардијан.
Кога Амазон најави дека во скоро купениот Хол фудс ќе ги намали цените на производите, паднаа акциите на цел сектор прехранбени производи. Само затоа што Амазон поднесе барање за заштита на трговска марка за сервис за пакување храна, акциите на најголемата компанија во овој сектор, Блу ејпрон, паднаа за 11%. Општо соопштение дека Амазон соработува со ЈП Морган и Беркшир Хатавеј на не-профитна организација за здравствена заштита предизвика пад на акциите на компаниите за здравствена заштита.
Од 2012, Беспоук инвестмент води индекс на вредноста 54 акции од продажниот сектор, „Смрт од Амазон индекс“, што тие ги сметаат за најранливи од Амазон.
Од февруари 2012 до јануари 2018, вредноста на Амазон е порасната за 560%, вредноста на С&П индексот е порасната за 102%, а Смрт од Амазон индексот за само 42,8%.
Меѓу претпоставките за следните чекори на Амазон се дека ќе почне на своите конкуренти да им продава технологија за менаџирање на футуристички продавници, за да можат да ги автоматизираат своите продавници и да намалат број на вработени. Тука ќарот за Амазон ќе биде што компанијата ќе може да ја следи целата продажба направена од нејзините конкуренти - исто како што прави на Амазон.ком - и да ги користи овие податоци за свои потреби.
Или пак да влезе во бизнисот со здравствена заштита и лекови.
Или од обработување наплати и давање мали заеми, да го надгради своето присуство во финансискиот сектор и да влезе во банкарство.
Лина Кан од тинк-тенкот Њу Америка верува дека Амазон мора да се соочи со анти-монополска регулатива, меѓутоа сегашните закони не се спремни да се справат со него. Кан препорачува воведување правило кое ќе му забрани на Амазон да им конкурира на бизниси што ја користат неговата платформа, со што ќе се елиминираат голем број од конфликтите, и „Амазон.ком ќе биде пазар, но не и производител, во спротивно Амазон ќе продолжи да го собира богатството што го креираат други бизниси.“