Британија со биткоини ќе ја пополнува дупката во буџетот

Соочени со невозможна мисија да пополнат дупка од 20 милијарди фунти во буџетот, британските власти разгледуваат како да ги продадат криптовалутите што полицијата ги запленила од криминални зделки и измами. Експерти ги предупредуваат лабуристите да не ја повторат глупоста на Гордон Браун, кој од државните резерви продаде 400 тони злато кога беше по најниска пазарна цена.

Министерството за внатрешни работи на Британија бара законска рамка за да може да ги продава криптовалутите запленети од нелегално тргување со дигитални валути или од пирамидални измами на штедачи. Запленетите виртуелни пари во повеќето случаи им се враќаат на оштетените лица, но не е мал делот што останува кога ќе бидат исцрпени побарувањата.

Лидерот на реформистите Најџел Фараж одамна повика на воспоставување национална резерва на биткоини, но лабуристите ја отфрлија идејата и оценија дека таквите резерви би биле „премногу нестабилни за да се складираат суверени фондови“.

Министерката Рејчел Ривс сега отстапува од таа линија, бидејќи до наесен мора да најде дури 20 милијарди фунти за да ги балансира државните сметки во услови на зголемени трошоци, висока инфлација и слаб раст.

Вредноста на криптовалутите, од друга страна, постојано расте. Биткоинот достигна 123.000 долари минатата недела, спроти усвојувањето на првиот национален закон за криптовалути во САД.

Криптовалутите сè повеќе се користат за избегнување на финансиски контроли и инвестициски измами, поради што расте и сумата запленета од полицијата. Не е познато колку криптовалути има во британските запленети резерви, но може да се оперира со бројки од случај во 2018 година.

Во полициска рација тогаш биле запленети 61.000 биткоини на Џијан Вен, кој подоцна беше осуден за перење пари. Во тоа време биткоинот вредел 6.000 долари, а вкупниот улов 300 милиони фунти. Денес, кога вредноста на биткоинот е речиси 20 пати повисока, уловот е 5,4 милијарди фунти. Се проценува дека по процесот на обесштетување и конфискација во Министерството за финансии би завршиле околу 2,6 милијарди, само од еден единствен случај на заплена.

Под нашите нозе извира дигитална нафта. Британија би можела да собира по стотици милиони фунти годишно, вели Ајдан Ларкин, извршен директор на компанијата за заплени Asset Reality.

Економисти предупредуваат дека треба да се направи добра анализа како и кога да ги користат резервите. Тие потсетуваат на историската грешка од 1999 година, кога тогашниот премиер Гордон Браун реши да ги распродаде златните резерви. За да добие 3,5 милијарди долари, Браун продаде 401 тон злато, и тоа во време кога имаше најниска вредност на пазарот. Овие резерви денес би вределе 40 милијарди долари.

20 јули 2025 - 10:28