Американските свињи ги чекаат се потешки времиња

Не само што никогаш не виделе бел ден, го минуваат цел живот со илјадници други свињи, постојано добиваат некакви додатоци за да растат што е можно побрзо, сега американските свињи ќе треба да му ја мислат и на Кинезите.

Во најголемата аквизиција на американска компанија од страна на кинеска компанија, Шуангхуи интернешнл понуди 4,7 милијарди долари за купување на најголемиот производител и преработувач на свинско месо во светот, американскиот Смитфилд Фудс.

Моментално Смитфилд коле и преработува 27 милиони свињи годишно. Само една нивна фабрика произведува повеќе фекалии околу цел Менхетен, а компанијата вработува 46.000 работници од кои 17.000 не се под синдикат. Откако Кинезите ќе ја превземаат компанијата (а многу е веројатно дека тоа ќе се случи) стравот е дека сите овие бројки ќе пораснат.

Дополнителен проблем е што Смитфилд веќе има лоша репутација за третирањето на свињите, заради пренатрупаноста на нивните објекти, плус затоа што ги храни со рактопамин, супстанца за забрзување на нивниот раст, која веќе е забранета во ЕУ, Кина и Тајван, заради тоа што предизвикува срцеви и мозочни проблеми кај животните, а може да има и негативно влијание на човековото здравје. Заради уништување на документи кои покажаа испуштање на измет од свињи во река во Вирџинија во 1991-ва, компанијата беше казнета со тогаш рекордни 12,6 милиони долари. Во 2005-та Хјуман рајтс воч откри дека компанијата не успеала да ги заштити своите вработени од опасни услови за работа и не им дозволила да направат синдикат. Во 2009-та Ролинг Стоун магазинот откри дека компанијата фрлила 26 милиони тони свински измет во околините полиња.

Тука е и вториот партнер во приказната, Шуангхуи интернешнл. Државната корпорација во 2011-та мораше да отповика илјадници тони свинско месо, откако еден од нејзините кооперанти беше фатен дека ги храни своите свињи со кленбутерол, забранет адитив кој беше причина за разболувањето на најмалку 70 луѓе.

Понудата за купување на Смитфилд доаѓа во време кога американската побарувачка за свинско месо е на историски најниско ниво. И покрај ова, најавите на Кинезите се дека уште од старт ќе работат на зголемување на капацитетите на Смитфилд. Иако мали се шансите дека Смитфилд ќе почне да им продава кинеско свинско на Американците, сепак стравот е дека Кинезите ќе го претворат САД во "една голема фарма што ќе работи за Кина," и дека сето она што сега се случува во Смитфилд, само ќе стане поголемо.

2 септември 2013 - 14:29