Рекордот следуваше откако акциите на Епл достигнаа историски највисока цена од 182,88 долари за акција, со што за малку ја надминаа границата од 3 билиони долари.
„Собери ги Волмарт, Дизни, Нетфликс, Најк, Ексон мобил, Кока-кола, Комкаст, Морган Стенли, Мекдоналдс, АТ&Т, Голдман сакс, Боинг, ИБМ и Форд.
И Епл пак повеќе вреди,“ објаснува Џек Никас во Њујорк тајмс.
За да ви биде појасен спектакуларниот раст на Епл:
- Во 2018 Епл станува првата американска компанија што вреди 1000 милијарди долари. За ова на Епл му се потребни 42 години.
- Две години подоцна вредноста на компанијата порасна на 2000 милијарди долари.
- За да стигне до 3000 милијарди долари, на Епл му беа потребни 16 месеци и 15 денови.
„Ваква вредност до пред само неколку години изгледаше непоимлива. Сега изгледа само како уште една граница што треба да ја достигнат корпоративните титани кои и понатаму растат. Годинава уште еден технолошки гигант, Микрософт, би можел да го следи Епл во клубот 3 билиони,“ пишува Никас.
Тој дава уште неколку споредби за вредноста на Епл:
- Колку БДП-то на Британија или Индија.
- Еднаква е на 6 ЈПМорган Чејс, најголемата американска банка.
- Еднаква е на 30 Генерал електрикс.
- Моментално на Епл отпаѓаат 7% од вкупната вредност на С&П 500 индексот.
- На Епл отпаѓаат 3,3% од вредноста на глобалните берзи.
- Епл вреди повеќе од сите криптовалути на светот заедно.
Во јануари 2007 кога ја објавува првичната верзија Ајфон, вкупната вредност на Епл („сосе гаќи“) е 73,4 милијарди долари. За минатата фискална година која им заврши септември, Епл само од продажбата на Ајфон имаше приход од 192 милијарди долари.