Причината за преместувањето е за многу семејства неиздржливата годишна кирија што треба да ја платат за гробното место на своите блиски. Заради пренаселеноста на градовите, конкретно во Атина и Солун моментално живеат 50% од грчката популација, гробовите се изнајмуваат на три годишен период, а цената се зголемува за секоја дополнителна година.
Моментално според статистиката на само еден од гробарите во Солун, просекот му е 15 ексхумации неделно. Откако ќе се ископаат, коските се ставаат во обичен бел чаршаф, а остатоците од облеката се фрлаат. Најмалку една четвртина од ископаните тела не се комплетно распаднати по една година (посебно во случаи ако починатиот одел на хемотерапија, која помага во зачувувањето на лешот).
Гужвата дополнително ја прави и ветото на грчката православна црква за изградба на крематориум. Иако во 2006-та е донесен закон кој го дозволува ова, заради притисокот од црквата се уште нема ниту еден. Ставот на црквата е дека телото мора да биде закопано за да може да воскресне за време на второто доаѓање на Исус. На пример во Британија и Данска околу 75% од луѓето се решаваат на крематориум, наместо на погреб.
Ставот против кремирањето го поддржува и солунскиот владика Антимос, кој по две основи е во блажена заблуда: прво ги отфрла научните факти дека коските и онака ќе се распаднат со тек на време, и второ дека луѓето и онака ги откопуваат останките (неговата реакција на второто е дека повеќе пати бил на главните гробишта и никогаш не видел ексхумација).
Една од опциите што Грците ја имаат околу кремирањето е телото да го однесат во Бугарија. Бидејќи црквата нема да ја изврши церемонијата ако знае дека телото оди на кремирање, се повеќе ужалени Грци лажат дека погребот ќе се случи за неколку дена на друга локација.
Инаку во случај роднините да не платат за продолжување на рокот на закопувањето, и да не се достапни по завршетокот на трите (или колку било дополнителни) години, тогаш коските само се откопуваат, се ставаат во бела вреќа и гробарот ги фрла во масовната гробница, врз десетици илјади други останки. На пример на гробиштата во Атина оваа пракса веќе ја наполни предвидената дупка, а бидејќи нема простор за друга сега коските се ставаат во кутии, кои потоа се редат во магацин на гробиштата.