Ние Грците едвај да имаме време за оплакување. Во пепелта и натаму се бараат сакани и блиски зафатени во огнената стихија која во Атика уби 91 човек а 150 беа повредени. Десетици сè уште се исчезнати. Па сепак, критизерите и дома и надвор веќе си играат политика околу катастрофата собирајќи за себе ловорики кои ги кријат вистинските херои, вклучувајќи ги нашите мигранти.
„Земјите од ЕУ доаѓаат да помогнат. Повторно“ твиташе поранешниот шведски премиер и шеф на дипломатијата Карл Билт додека околу 400 грчки пожарникари ги ризикуваа своите животи борејќи се со оганот и смртоносниот чад. Еден од нив изгуби шестмесечно синче во пожарот кој се обидуваше да го изгаси.
„Русија ја нема вадено Грција трипати по ред“, напиша холандската амбасада во Атина, како одговор на сугестијата дека и руски противпожарни авиони би можеле да помогнат. Подоцна го избришаа тој твит.
На домашен терен, радикално десната Златна зора на сличен начин сакаше да се наметне со месијанска слава. Нивни членови носеа партиски маички и се мотаа наоколу колку да бидат декор за телевизиските изјави на нивните пратеници. Вистинското лице на крајната десница се гледаше на друго место: тројца членови на Златна зора беа уапсени додека ограбуваа опожарени домови а приликата се искористи за 15 фашистички напади на мигранти во Солун.
Вистинските херои не водеа сметка дали ги снимаат камери. Во оваа невидена катастрофа, Грци ги отвораа своите домови за секој што е погоден, стотици доброволци дистрибуираа храна и лекови, затвореници помагаа во пакување, супермаркети и продавници нудеа бесплатно јадење и вода, ромските заедници нудеа овошје и зеленчук.
Грчките мигранти се издигнаа над нивните омаловажувања и покажаа дека хуманизмот е нешто повеќе од државјанството. Египетски рибари беа први кои им се најдоа на оние кои спас од пожарот побараа во морските води, Палестинци и Курди даруваа крв а Сиријци организираа и регрутираа спасители.
Оние од крајната десница кои бараат да мразиме тоа го правдаат со отровните политики на непријателите. Но, и надвор од границите, нашите наводни непријатели понудија помош. Македонската влада понуди великодушна помош од 6 милиони денари.
И Турција заборави на историските ривалства. Турските медиуми беа полни со солидарни наслови за Грција а турскиот збор за Грција, Јунанистан, стана трендинг хаштаг. Младата турска ракометна репрезентација, пред натпревар извадија знаме „Се молиме за Грција“.
Не ни треба катастрофа за да се потсетиме дека наш непријател не ни се соседите туку оние кои сеат страв, омраза и безредија. Атика уште еднаш покажа дека постојат заеднички основи над вештачките граници и поделби создадени со реториката на омраза и предрасуди.
Тоа оваа недела можеби во Грција станува јасно. Локалци од Атика бркаа членови од Златна зора од опожарените места, една жена им викна дека ни вода не би земала од фашисти. Таа јасно порача дека во нејзиниот град нема место за оние кои ги напаѓаат луѓето кои спасуваа туѓи домови пред да се спасуваат себе си. Остатокот од Европа би можела да размисли за поуките од Aтика пред да ги затвора вратите на оние на кои им треба помош. Еден ден можеби тие ќе помагаат.
Манос Маскопулос, за Индипендент