И би "Белград на вода"

Прогласен за проект со посебно значење за Србија и Белград, во неделата Владата на Србија и инвеститорот од Обединетите Арапски Емирати потпишаа договор за изградба на долго најавуваниот и допрва оспоруван проект - Белград на вода.

 

Целиот проект е предвидено да се распространува на 177 хектари покрај реката Сава, каде треба да се изградат над милион метри квадратни станбен простор, 750.000 метри квадратни бизнис и комерцијален простор, над 62.000 метри квадратни јавни простори - градинки, училишта, културни установи, социјална и здравствена заштита, и 242.000 метри квадратни во паркови и зелени површини.

Просторот е предвиден за 17.000 жители и 13.000 вработени.

Изградбата на Белград на вода ќе трае 30 години, меѓутоа 50% од него мора да биде завршен во првите две децении, а во работата секогаш предност мора да имаат домашните изведувачи.

Проектот вреди околу 3,5 милијарди евра, а според договорот Србија ќе биде сопственик на 32%, а инвеститорот Игл Хилс на 68% од капиталот. На 10-ти април српскиот парламент донесе специјален закон со кој се овозможува потпишувањето на договорот. Според првите луѓе на Белград, договорот предвидува дека целокупниот трошок за финансирање на проектот и ризиците ги сноси инвеститорот.

 

 

 

 

27 април 2015 - 11:59