Според демографските проекции, нема држава во светот која побрзо го губи своето население од Бугарија. Веќе се има намалено за една петтина откако се ослободи од комунизмот. Во 1989 година Бугарија броеше речиси 9 милиони луѓе, денес се нешто над седум милиони. Во 2050 ќе бидат помалку од 5,5 милиони а на крајот на веков ќе бидат преполовени од што се сега.
„Длабоко во бугарската провинција, во западната провинција Перник, наидов на ретко откритие“, ќе напише ретко наивната новинарка на британскиот медиум.
Се сретнала со Стојан Евтимов. 30 и нешто годишниот дечко бил единствениот на таа возраст во селото Пештера. Сите близу таа возраст веќе се отселиле, или по бугарските градови или по странство. Стојан има среќа што може да живее во селото бидејќи се занимава со музика ама време му е за женење....
„Невозможно е да се најде партнерка бидејќи ни во моето ни во околните села нема ниеден млад човек. Ќе ми биде тешко да заминам од овде ама во некој момент ќе мора тоа да го сторам“, ѝ рекол Евтимов на репортерката Рут Александер.
Приказната за умирањето на бугарското село е позната: по падот на комунизмот, се распаѓаат колективните задруги, младите нит можат нит па им се живее во цивилизациски инфериорните села па одат по градови а подоцна и во ЕУ, кога земјата стана дел од тоа големо и - како за кого - среќно семејство.
Гранапчињата во повисоките селца веќе се затворени па на малкумината останати им се носат потрепштини со комбе. Тоа десет години го прави средовечната двојка Атанас и Лили Борисови кои трипати неделно ги обиколуваат запустените села носејќи храна и лекови на старците кои останале во нив. Не им се случило да пропуштат да отидат но им се случило да го најдат човекот веќе умрен.
Бидејќи носител на егзодусот на Бугарите се младите луѓе, тоа предизвикува стареење на нацијата и немање од кого да се подмлади. Владата презема мерки за финансиска помош и олеснување на бременоста и подигнувањето деца а отворен е и апел да се вратат луѓето назад. Апелот важи за етничките Бугари.
„На Бугарија не ѝ требаат необразувани мигранти“, ќе ѝ објасни на новинарката Валериј Симеонов, лидер на националистичките Обединети патриоти која е дел од владеачката коалиција (го спомнавме во статијата „ЕУ ги изневери своите Роми“).
Додуша, според Симеонов, на Бугарија не ѝ требаат ни образовани.
„Тоа се луѓе со поинаква култура, поинаква религија, поинакви навики. Фала му на Бога што Бугарија е една од најзаштитените земји од Европа од бранот мигранти“.
Една од заштитите на кои мисли Симеонов е 260 километри долгата ограда со бодликава жива кон границата со Турција која треба да ги обесхрабри мигрантите да бараат спас преку Бугарија. А потоа работата ја презема не само полицијата и граничните служби туку и маскираните пара-воени формации (види „Запознајте ја бугарската Шипка“). Според податоците од Европската комисија, за две години БУгарија има примено само 50-тина бегалци.
И додека владата тврди дека е полна со идеи како да обезбеди физичко присуство на нацијата во земјата, ништо од тоа не допира до бугарското село.
„Напуштени сме ти ние, и од Господ и од политичарите а Бугарија исчезнува“, вели за Би Би Си 70 годишниот Дедо Бојан од село Калотинци.