„Стапката на млади Роми кои се надвор од образованието, работните места или тренинзи за работа порасна од 2011 до сега.Тогаш изнесуваше 56%, лани беше 63%“ пренесува Вера Јурова, европски комесар за правда.
Во земји како Бугарија и Романија, половина од Ромите немаат пристап до основни здравствени сервиси. А во Бугарија, од мај годинава министер за малцински интеграции е Валери Симeонов кој Ромите еднаш ги опиша како „бесрамни и диви човеколики креатури“. Истовремено Симeонов е основач на десничарскиот Национален фронт за спасување на Бугарија, партнер со Атака и слични.
Одбивањето да поработат на намалување на сегрегацијата на Ромите и на другите мерки од стратегијата, би можеле да ги одведат Чешка, Унгарија и Словачка на суд но Комисијата во ноември ќе чека покомплетни податоци за тоа колку ученици се издвоени од другите само заради нивната етничка припадност.
На почетокот на оваа година унгарскиот министер за образование ги шокираше Европјаните со изјавата дека Ромите треба да бидат сегрегирани. Неколку месеци подоцна, и на Јурова таа идеја не ѝ е толку туѓа:
„Јас не сум за наметнување некаков општествен инженеринг па ромските деца да се трансферираат во други училишта. Само сакам и во тие ромски сегрегирани училишта да има високи образовни стандарди“, вели европската комесарка.
Во земјите од ЕУ живеат околу 8 милиони Роми. 80% од нив се под постојан ризик од сиромаштија. Нивната невработеност и неопфатеност со образование е во пораст во Шпанија, Чешка, Словачка, Унгарија и Романија.