Пловечкиот терминал за течен природен гас на хрватскиот остров Крк, како голем закотвен брод меѓу песочните плажи, е сведоштво кои се приоритетите на администрацијата на Доналд Трамп во политиката за Западен Балкан. Терминалот е еден од клучните европски јазли за увоз на гас, главно американски.
Во новата Стратегија за национална безбедност од ноември 2025 година Вашингтон објави дека се стреми „да ја врати енергетската доминација, да проектира моќ и да ги поништи штетните европски климатски политики, кои претставуваат закана за САД“.
Земјите од Западен Балкан во моментов користат малку гас, а ЕУ планира постепено целосно да го укине увозот. Брисел стравува дека замената на рускиот гас со американски ќе ја поткопа зелената стратегија за премин кон обновливи извори на енергија. Таа своја политика ја проектира и врз земјите-кандидати, и инсистира да го користат нивниот огромен потенцијал за соларна, ветерна и хидроенергија за да се олесни усогласувањето со енергетското законодавство на ЕУ.
Несогласувањето помеѓу Америка и Европа за Балканот беше очигледно во април во Дубровник на самитот на иницијативата „Три мориња“ (Јадранско, Балтичко и Црно). Американскиот министер за енергетика Крис Рајт ја промовираше „Рамката за мировни цевководи на Трамп“, за која рече дека ќе им овозможи на Централна и Источна Европа да ја заменат зависноста од рускиот гас со американскиот.
Хрватска на самитот потпиша договор за поврзување на Крк со Босна и Херцеговина, која сега увезува гас само од Русија. Американска компанија во меѓувреме потпиша договор од 6 милијарди долари за снабдување на течен природен гас (LNG) за Албанија.
Белата куќа го притиска регионот кон договори за инфраструктура и услуги со фирми поврзани со политички и деловни соработници на Доналд Трамп, вели Иван Бродиќ, уредник на хрватскиот портал Енерџипрес.

Како типичен пример, тој ја истакнува гасната интерконекција што ги поврзува Босна и Хрватска. Овој проект беше на маса со години, но политичарите во БиХ, поделени по етнички линии, не можеа да се согласат. Меѓутоа, во април Босанците одеднаш изменија закон и како главен инвеститор во проектот именуваа американска компанија без претходно искуство со гас или цевководи. Меѓу директорите на компанијата се поранешниот адвокат на Трамп и братот на Мајкл Флин - неговиот поранешен советник за национална безбедност.
Де-факто лидерот на Република Српска, Милорад Додик, веќе има политичка корист од лобирањето на САД. По силен американски притисок во мај оставка поднесе Кристијан Шмит, високиот меѓународен претставник во Босна, кој постојано го блокираше Додик и беше против доделувањето на договорот за гас без распишан конкурс.
Американската политика во Босна сега ја водат инвеститори, вели аналитичарот Ади Черимагиќ.
Важноста на енергетските инвестиции за американската политика се протега низ целиот регион. Поради санкции од САД, рускиот државен гигант Газпром беше принуден да ја напушти Србија, каде што имаше мнозинска сопственост на најголемата компанија за нафта и гас НИС. Бродиќ очекува Вашингтон да го принуди Белград купува течен природен гас од САД. И не е само гасот. Владата на Србија објави тендер за изградба нова хидроелектрана, со забелешка дека може да аплицираат само американски компании.
И Македонија во февруари потпиша договор со кој се обврза да купи американски гас. Косово, кое нема гасовод, непосредно пред изборите на 7 јуни доби повик да го оживее проектот за поврзување со гасната мрежа со Македонија, „за да не ризикува да биде единствената земја од Западен Балкан без пристап до американски течен природен гас“.