5-ти јули 2015 беше датумот кога се одржа референдумот во Грција на кој мнозинството граѓани гласаа против повеќе штедење и прекршување на демократијата од страна на кредиторите.
„Една недела пред 3-годишнината од референдумот, Алексис Ципрас, премиерот кој го предаде храброто НЕ на грчкиот народ, го посети Лондон за да ја претстави својата капитулација пред Тројката од Европската комисија, Меѓународниот монетарен фонд и Европската централна банка, како достигнување.
Замислете како британскиот народ би гледал на премиер избран за да стави крај на приватизацијата, а кој наместо тоа ја приватизирал секоја можна јавна сопственост; кој бил избран да работи на мирот, а наместо тоа ги помага воените акции против мети во Сирија и кој се согласи да продава оружје на држави обвинети за извршување на меѓународни злосторства; кој е избран за да ги заштити домовите на луѓето, но кој не прави ништо кога банките им ги запленуваа, оставајќи ги луѓето бездомници; кој е избран да и служи на демократијата и за независноста на својата држава, но кој наместо тоа ја предаде на ЕУ, на ММФ и на ЕЦБ.
Токму ова Ципрас му го направи на грчкиот народ,“ порачува Константопулу во текстот за Гардијан.
Константополу потсетува дека кога Ципрас во 2015 го потпишува „токсичниот трет меморандум“ таа како претседателка се бори за заштита на парламентарните процедури на земјата кои тој и Тројката ги прекршуваат. И покрај сите притисоци таа одбива да прифати „прекршување на демократските правила и прифаќање на повеќе нелегален долг за народот.“
„Заедно со дузини други пратеници на Сириза, јас гласав против ужасниот договор.
Ципрас потоа предвремено го распушти парламентот за да се ослободи од мене и од пратениците што не се согласуваа со него,“ потсетува Константопулу на развојот на настаните за грчкиот референдум околу штедењето.
Според неа, наместо олеснување на долгот што Тројката му го ветува на Ципрас, потпишувањето на третиот меморандум на грчките деца и младина им носи задолжување наспроти нивната волја, „секое новороденче во Грција животот го почнува со долг од 40.000 евра.“
Дополнително разочарување од Ципрас е неговото ветување дека ќе ги уништи старите медиумски олигарси кои ги контролираат грчките медиуми, а наместо тоа „нова генерација на ’олигарси од ерата на Ципрас’ се етаблираа себе си.“
Апсурд е и тоа што земјата која отплаќа десетици милијарди долари долг и која крати од секоја можна социјална заштита за населението, во октомври потпиша договор за купување Ф-16 авиони од САД за 2,4 милијарди долари.
„Како пудла на Вашингтон, Ципрас изгради блиски врски со Израел на Нетанјаху, се согласи да и продава оружје на Саудиска Арабија - режим обвинет за бомбардирање на деца во Јемен - и го крена грчкото вето за проширување на НАТО на Балканот. Исто така потпиша договори за бегалци, отворено прекршувајќи го меѓународното хуманитарно право...
...Сириза не е левичарска партија како што тоа го тврди. Таа стана политичко зомби кое ги уништува сите прогресивни вредности додека месечари кон својот изборен пораз. Нејзиното отстранување од власт е првиот чекор кон враќање на демократијата во Грција,“ пишува лидерката на партијата Курс кон слободата, кој го повикува грчкиот народ „да се спротивстави на Тројката и на неа сервилната влада на Сириза.“