Што е до Трамп, нема што народ да се потресува за Курдите и Сирија

Како што Трамп нареди повлекување од Сирија (што отвори пат за влез на Турција) така двете страни од американскиот Конгрес му се ссна, меѓу другото и со аргументи кои прилично држат - а што е со Курдите, а што е со ИСИС борците? А Трамп и за тоа да ти бил спремен.

Околу потенцијалниот масакр меѓу Турците и Курдите, ставот на американскиот претседател е:

„Па тие и онака се мразат стотици години.“

Околу тоа што војната меѓу Турците и Курдите ќе ја искористат стотици ИСИС терористи, моментално заробени од курдските сили, и ќе избегаат:

„Епа ќе бегаат во Европа, таму сакаат да одат. Сакаат да си одат дома. Ама Европа не ги сакаше со месеци. Можеа да ги судат, можеа да прават што сакаат...

Кога претседателот Обама ги зема курдските сили под свое, тоа беше тежок договор затоа што тие се смртен непријател на Турција. Па кога ќе почнеш партнерство со нив, тоа е тешка ситуација... Тие се мразат меѓу себе долги и долги години.“

Ситуацијата на терен е следна: САД во 2015 во Сирија влегоа во сојуз со Курдите кои требаше главно да ги водат нивните битки против ИСИС.  Курдите ова го испорачаа над очекуваното ама и со сериозни жртви, над 10.000 загинати војници. По пат курдските сили заробија и се уште имаат над 11.000 терористи на ИСИС.

За цело ова време Турција и Курдите се на исти позиции како што биле и низ вековите: кој колку може повеќе да истреби од другите.

Кога Турција почна да ја загрева воената машинерија и да ја носи кон границата на Сирија, со цел „да се неутрализира терористичката закана за Турција“ (а.к.а. Курди), курдските сили предупредија дека ќе има сериозен судир, и дека овие 11.000 ИСИС заробеници нема да можат да ги пазат како што било до тогаш.

Ова што Трамп го коментира е само продолжение на досегашните критики што тој ги имаше до ЕУ дека одбиваат да ги примат назад затворениците што од нивните држави патуваат во Сирија за да се борат за ИСИС.

Запрашан дали одлуката околу Сирија ќе ја наруши способноста на САД да склучуваат сојузништва во иднина, Трамп одговара:

„Не. Сојузите се лесни.“

10 октомври 2019 - 13:28