Во извештајот на Амнести интернешнл, Британија е обвинета дека намерно ја слабее заштитата на човековите права и во земјата и низ светот.
„Британија намерно го дестабилизира целосниот концепт на универзални човекови права преку своите ужасни домашни политики и политиканство,“ изјавила раководителката на британската филијала на Амнести интернешнл, Саша Дешмук.
Забелешките на Амнести се однесуваат на британските политики за азиланти и други мигранти, како и демонстранти, кои според организацијата ги прекршуваат британските ветувања за почитување на човековите права и ја заобиколуваат заштитата за истите во овие посебно опасни времиња. Амнести тврди дека британскиот Закон за нелегална миграција „и владината реторика околу него“ се судира со бегалската конвенција на О.Н. и европската конвенција за човекови права.
Не само за тоа што направила, Британија е осудена и за тоа што не направила, односно да ја искористи својата лидерска позиција во Обединетите нации за да го спречи прекршувањето на човекови права во Газа и нејзината слаба поддршка за истрагата на Меѓународниот кривичен суд за прекршувањето на човековите права во Израел и Палестина.
Плус тука е учеството на Британија во вооружување на Израел и во производството на Ф-35 што ги користи Израел.
Извештајот од 418 страници ги потфаќа и Соединетите држави за тоа што го употребуваа своето вето во Советот за безбедност за со месеци „да ги парализираат Обединетите нации“ околу носењето на неопходната резолуција за прекин на огнот во Газа.
Амнести ги обвинува моќните западни држави за „апсурдни двојни стандарди“ во кои продолжуваат да го заштитуваат а со тоа и да ги засилуваат акциите на Израел, додека беа исклучително гласни околу злосторствата на Русија и Хамас.