Тинкспот, веб-платформата на Џордан Питерсон против цензура

Ветувањето на Питерсон е дека на платформата секој ќе има слобода да каже што сака и нема да биде баниран (освен ако американскиот суд не го побара тоа).

Намерата на Питерсон е да направи алтернатива на Патреон, он-лајн сервисот за донации што го користат голем број Јутјубери (и останати автори на содржини на интернет), кој изминатава година одлучи да банира неколку десничарски ликови и да им го ускрати финансирањето.

Сличен проблем популарни (крајно) десничарски ликови имаат и на Јутјуб, од каде се избркани или нивните видеа се демонетизирани (не заработуваат пари од реклами).

Од функциите на сајтот се знае дека ќе може да се гласа за коментарите (со палец нагоре или надолу), и во случај просекот на позитивни и негативни гласови да им е под 50-50, тие ќе бидат сокриени.

Друг предуслов околу коментарите е дека тие ќе мора да бидат над 50 зборови за воопшто да бидат објавени.

За сега целиот проект е дотеран до бета фаза, и според зборовите на Питерсон се уште има сериозни проблеми кои треба да се испеглаат, „ама би било убаво да се има платформа без цензура“.

Тинкспот би требало да биде пуштен во погон некаде во август годинава.

17 јуни 2019 - 11:19