Започнува шоуто во Лигата на шампиони

Вечерва стартува 21. издание на најелитното европско клупско натпреварување. 32 клубови од 17 земји ќе одиграат 125 натпревари и ќе се обидат да стигнат до финалето на Вембли и до трофејот кој во моментов е во сопственост на Челси.

Во новата сезона на Лигата на шампиони ќе учествуваат 12 од вкупно 22 поранешни Европски шампиони.

Свои претставници ќе имаат 17 различни држави: Шпанија и Англија со по четири, по три ќе имаат Германија, Португалија и Франција, два претставника имаат Италија, Русија и Украина, а по еден тим ќе испратат Белгија, Хрватска, Грција, Холандија, Данска, Белорусија, Шкотска, Турција и Романија.

Најтрофејни клубови помеѓу учесниците се Реал Мадрид со 9 и Милан со 7 титули, а дебитанти се францускиот Монпеље, шпанска Малага и малиот дански клуб Нордсјеланд кој е основан во 1991-та година, доаѓа од градче со 18.000 жители и игра на стадион со 9.800 седишта, на кој во просек има само по 5.000 гледачи.

Според transfermarkt, најскап тим има Барселона и вкупната вредност на нивните играчи изнесува 654,5 милиони евра. Зад нив се Реал Мадрид со 601,3 милиони и Манчестер Сити со 498 милиони евра, а најевтини се тимовите на БАТЕ Борисов со 20 милиони и Нордсјеланд со 15,6 милиони евра.

Најстар тим има рускиот Зенит каде просечната старост на фудбалерите е 28,1 година, а најмлади се Ајакс со во просек 22,4 години.

Натпреварите ќе се играат со топката на Адидас која се вика „Финале 13". Пехарот од Лигата на шампионите е висок 74 сантиметри и тежок осум килограми.

И покрај тоа што финалето пред две години се играше во Лондон, челниците на Лигата на шампиони решија и оваа година во чест на прославата за 150 годишницата од фудбалската асоцијација на Англија, финалето да се одигра на Вембли на 25 мај.

Ова ќе биде седмо финале на Вембли. Минатиот пат таму триумфираше Барселона, а според обложувалниците тие се најголеми фаворити за освојување на трофејот оваа година.

А дали вие се разбирате во фудбал? Придружете ни се во нашата UEFA Champions League fantasy football лига и докажете како се снаоѓате во улогата на фудбалски менаџери.

ЛИГА НА ШАМПИОНИ - 1. коло

вторник:
Група А
Динамо Загреб - Порто
ПСЖ - Динамо Киев

Група Б
Монпеље - Арсенал
Олимпијакос - Шалке

Група Ц
Милан - Андерлехт
Малага - Зенит

Група Д
Борусија Дортмунд - Ајакс
Реал Мадрид - Манчестер Сити

среда:
Група Е
Челси - Јувентус
Шахтјор - Нордсјеланд

Група Ф
Баерн Минхен - Валенсија
Лил - БАТЕ Борисов

Група Г
Барселона - Спартак Москва
Селтик - Бенфика

Група Х
Манчестер Јунајтед - Галатасарај
Брага - Клуж

18 септември 2012 - 10:14