Македонија го сруши проклетството во Глазгов, но не успеа да се спаси од пораз

Македонската фудбалска репрезентација претрпе минимален пораз од 2:1 на гостувањето кај Шкотска на Хемпден Парк, во рамките на претпоследното коло од Лигата на нации.

Иако црвено-жолтите го прекинаа долгиот голгетерски пост, домаќините преку двата гола на Џон Мекгин ги освоија трите бода.

Првото полувреме мина целосно во знакот на Шкотска која речиси постојано играше на нашата половина. Но Столе Димитриевски фантастично го чуваше голот и спаси три чисти шанси. Македонија не се закани ниту еднаш.

Шкотите го отворија резултатот преку капитенот Џон Мекгин, кој биеше прецизно во долниот десен агол по асистенција на Че Адамс.

Радоста на Шкотите траеше само три минути. По одличниот центаршут од корнер на Енис Барди, Елмин Растодер највисоко скокна и со глава ја затресе мрежата.

Со овој погодок Растодер ја прекина црната низа на Македонија од 323 дена без постигнат гол и го запиша првиот погодок за репрезентацијата под водство на селекторот Гоце Седлоски.

Одлучувачкиот момент се случи во 74 минута по ВАР-проверка која траеше повеќе од две минути. Судијата покажа на белата точка по контактот меѓу голманот Димитриевски и Бен Генон-Доук. Сигурен реализатор на пеналот повторно беше Џон Мекгин, кој биеше по средината на голот за конечни 2:1.

13 ноември 2026 - 22:34