Грција ги изненади патниците до Лисабон со култниот дрес од 2004 година

Адидас, Грчката фудбалска федерација и авиокомпанијата „Ејџијан ерлајнс“, направија јак маркетиншки потез за време на летот од Атина до Лисабон.

Секој патник кој се качи на летот со ознака А3720 ги дочека примерок на своето седиште од реизданието на легендарниот дрес на Грција од Европското првенство во 2004 година. 

Покрај дресот, патниците добија и специјални комеморативни подароци со ознаките на трите партнери.

Изборот на рутата Атина – Лисабон не е случаен. Токму во португалската престолнина, пред 22 години, грчката репрезентација предводена од селекторот Ото Рехагел го приреди едно од најголемите изненадувања во фудбалската историја. Во финалето го совлада домаќинот Португалија и стана европски првак.

Овој гест во авионот е всушност официјална промоција за пуштањето во продажба на ретро-дресот, а воедно е и дел од големите активности со кои Грчката фудбалска федерација го одбележува својот 100 годишен јубилеј.

Станува збор за автентична репродукција на белиот гостински дрес со сини детали што грчките фудбалери го носеа за време на историскиот успех. 

Дизајнот го задржува карактеристичниот поширок крој од раните 2000-ти години, препознатливите сини линии на рамената и тогашниот грб на федерацијата, што го прави вистинско богатство за фудбалските колекционери и навивачите.

За оние кои не беа дел од овој специјален лет, ретро-колекцијата веќе е достапна во продажба преку официјалните продавници на Адидас и фан-шопот на федерацијата.

13 ноември 2026 - 12:02