32 клубови од 17 земји ќе се натпреваруваат во Лигата на шампиони оваа сезона, а помеѓу нив е и еден клуб кој е основан во 1991-та година, доаѓа од градче со 18.000 жители и игра на стадион со 9.800 седишта, на кој во просек има само по 5.000 гледачи.
Станува збор за фудбалскиот клуб Нордсјеланд кој е оформен пред 21 година со фузија на два помали клубови од градот Фарум. Оформен е како Фарум БК, а од 2003-та година го носи името Нордсјеланд по данскиот регион Северен Зеланд.
„Дивите тигри" (од за нас непознати причини на логото на клубот има тигар!?) се познати по нивната перфектна организација со фокус на развој на млади дански таленти. Под нивна закрила се 63 помали аматерски клубови и фудбалски школи од регионот. Нордсјеланд одигрува пријателски натпревари со нив, им праќа тренери им организира тренинг кампови, а за возврат тие си ги добиваат сите талентирани фудбалери.
Токму затоа, 80% од фудбалерите во клубот се Данци, повеќето се помлади од 25 години и се продукт на нивната школа. Тоа значи дека со милионите евра кои ќе се влеат во клубот оваа сезона, на Нордсјеланд му претстојат уште поголеми успеси во иднина.
Помеѓу фудбалерите кои оставиле голем впечаток во историјата на клубот се и двајца Македонци. Поранешниот репрезентативец Џевдет Шаиноски беше член на клубот од 2001-та до 2004-та година, а Бајрам Фетаи го носеше дресот на Нордсјеланд од 2006-та до 2010-та година и се наоѓа на четвртото место по бројот на настапи и на второто место на листата на најдобрите стрелци во историја на клубот.