Италија има нов фудбалски дијамант: Франческо Пио Еспозито

На само 21-годишна возраст, Еспозито се наметнува како светла иднина во националниот тим. Младиот напаѓач на Интер ги напаѓа историските рекорди на италијанскиот фудбал.

Италијанскиот фудбал со години трага по класичен, современ центарфор кој ќе биде страв и трепет за противничките одбрани. Потрагата се чини дека заврши во Милано. 

Франческо Пио Еспозито игра во животна форма, а неговата ефикасност во дресот на Интер и репрезентацијата на Италија е главна тема на Апенините.

Откако се врати од позајмицата во Специја во 2025 година, тој веднаш се наметна во првиот тим на нероаѕурите и досега има постигнато 14 голови во сите натпреварувања.

Својата врвна класа ја потврди и синоќа на Сан Сиро, кога со два гола ја предводеше Италија до голема победа од 3-1 против Франција во Лигата на нации.

Подобар старт од Виери и израмнување со Тоти

Бројките на Еспозито во националниот дрес добиваат уште поголема тежина кога ќе се споредат со најголемите имиња во историјата на италијанскиот фудбал. Со двата погодоци против триколорите, тој стигна до 9 голови на само 14 настапи за Италија.

Со овој учинок, 21-годишниот голгетер веќе го израмни вкупниот број на голови на легендарниот Франческо Тоти во репрезентацијата (9 гола), но на Пио за тоа му беа потребни дури 44 натпревари помалку. Тоти постигна 9 гола на 58 средби.

Дополнително, Еспозито стана првиот италијански фудбалер по Кристијан Виери (1997–1998) кој успеал да постигне најмалку 8 голови во своите први 14 настапи за Аѕурите.

Иако во селекцијата на Италија има силна конкуренција во офанзивната линија, статистиката од изминатата сезона и актуелниот циклус покажуваат зошто Еспозито ја добива довербата пред поискусните колеги.

Следна цел: Џиџи Рива и вечноста

Со просек од 0,64 голови по натпревар во националниот тим и сè поголема минутажа во Интер, италијанските медиуми веќе почнаа да прават калкулации, дали Еспозито е човекот кој по повеќе од половина век ќе го урне апсолутниот рекорд на Џиџи Рива, кој изнесува 35 голови за Италија. Ако продолжи со ова темпо, иднината на италијанскиот напад е во сигурни раце.

Италија со моќен пресврт ја урна Франција по пауза од 64 години

13 ноември 2026 - 14:44