Кариерата на славеникот доктор Валентино Роси

Најдобриот мотоциклист на сите времиња, Италијанецот Валентино Роси денес слави 38-ми роденден и е решен по рекорден 10-ти пат да се качи на светскиот мотоциклистички врв.

Валентино наполни 38 години од кои добри 22 ги мина на патеките во мото светот. Неверојатна кариера во која освои 9 светски титули и ги победуваше најголемите конкуренти. Но неговата трка не е завршена уште затоа што ќе се обиде да влезе во историјата како рекордер без разлика на сјајните ривали Маркез, Лоренцо и Вињалес.

Вале роденденот ќе го прослави на вечера со другарите и тимските колеги иако неделава го чекаат многу обврски на пробните возења на Филип Ајлнд во Австралија.

Валентино е роден во 1979 година а на 26-ти март во Лозајл ќе ја стартува 22. сезона во Мото светот, а 18-та во кралската ГП класа. Кога дебитираше во 1996 во Сепанг на патеката беа Духан, Бјаџи, Капироси, Кадалора, но и Давиде Буелга (татко на Николо, актуелниот пилот на SRTVR46).

Роси и натаму вози со бројот 46 со кој ги победи најголемите пилоти на времето во последните 25 години, од Бјаџи (генерација 1971) до Маркез (1993). „Докторот“ од Пезаро освои 9 Светски титули (7 во 500 и Мото ГП, единствен е со пехари во 4 различни класи). Победил на 114 трки, имал 221 подиум, 63 пол позиции и 95 најбрзи круга.

Во последните сезони остана без трофеј (последната датира од 2009-та), но бројките велат дека Валентино и натаму е сериозен ривал на Маркез и Лоренцо. Роси е вицешампион два пати од 2014 до 2016.

Задачата која што го чека сезонава е се само не едноставна. Откако Лоренцо заврши во Дукати, неговата Јахама ја наследи Маверик Вињалес, роден 1995. Токму Вињалес ќе му биде ривал број 1 на Вале заедно со Маркез кој освои три Светски титули во последните четири години.
 

 

16 февруари 2017 - 10:52