Лука Дончиќ растури со 51 поен, Никола Јокиќ со уште еден трипл-дабл!

Во една од најдобрите партии во НБА кариерата, асот на Лос Анџелес Лејкерс доминираше на терен во победата против Чикаго Булс 142-130. Првпат откако е дојден во Лејкерс постигнува најмалку 50 поени. Фантастична вечер, којзнае која по ред имаше и Никола Јокиќ со нов трипл-дабл.

Во 82 натпревари досега за Лејкерс, Дончиќ го забележа 13-от натпревар со постигнати најмалку 40 поени.

Остин Ривс му помогна на Лејкерс во триумфот со нов сјаен натап, постигна 30 поени а Деандре Ајтон ги поддржа соиграчите со 23 поени и 10 скока за негов 20-ти дабл-дабл сезонава. ЛА Лејкерс оствари четврта победа по ред и ова е нивна најдолга серија уште од 14-ти ноември.

Со оваа победа езерџиите се на трето место на Западот каде го скокнаа Хјустон Рокетс.

Џош Гиди уфрли 27 поени а Матас Бузелис додаде 22 за Чикаго Булс кој беше прилично ослабен со многу отсутни првотимци. „Биковите“ забележаа нов пораз и играат во слаба форма.

На овој натпревар се врати Леброн Џејмс кој отсуствуваше неколку дена поради артритис на неговата лева нога.

НИКОЛА ЈОКИЌ И МАРЕЈ ГО РАЗВАЛИЈА САН АНТОНИО СПАРС

Лидерот на Денвер Нагетс го предводеше својот тим до нов триумф, овој пат над Сан Антонио Спарс 136:131. Интересно Спарс во еден момент имаа 20 поени предност но Денвер Нагетс направи голем пресврт.

Никола Јокиќ броеше до 31 поен, 20 скока и 12 асистенции со три украдени топки и две блокади. Џамал Мареј покажа дека игра во животна форма, па после неколку луди поентерски натпревари по ред, синоќа имаше пак сјајна претстава. Уфрли 39 поени со 2 скока и 7 асистенции.

Српскиот репрезентативец го престигна Карим Абдул-Џабар со најмногу 20+10+5 натпревари во НБА историјата и Јокиќ сега е рекордер по таквиот параметар во НБА со 324 натпревари со такви колони. На Џабар за 323 учиноци со најмалку 20 поени, 10 скока и 5 асистенции му требале 1.560 настапи а на Јокиќ 795 натпревари во НБА.

Притоа Јокиќ е единствен во историјата на НБА кој имал 10 пати во кариерата натпревари со 30 поени, 20 скока и 10 асистенции а во последните 50 години сите НБА играчи имале само вкупно шест такви учиноци.

13 март 2026 - 09:13