Во првиот викенд од декември на англиските стадиони после девет месеци беше дозволен влез за гледачи.
На 9 март англиската Премиер лига ја прекина сезоната поради глобална пандемијата. 32.000 гледачи на стадионот „Кинг Пауер“ беа последни гледачи во живо, а после тоа Англија околу три ипол месеци беше во карантин.
На 5. декември неколку илјади гледачи конечно се вратија на стадионите. Речиси цел ноември Англија беше во карантин, работеа само продавници и аптеки и имаше рестрикции на движење.
Одлуката за отворање на стадионите британската влада ја усвои според три нивоа: од 1 (региони со помал број на заразени) до 3. Во градовите со помал број позитивни случаи допуштија до 4.000 гледачи, во оние од второ ниво дозволија 2.000 гледачи, а областите од 3 ниво не добија дозвола за присуство на публика.
Во Премиер лигата 10 клуба се најдоа во 2 ниво (6 лондонски, 2 од Ливерпул, плус Брајтон и Саутемптон). Манчестер се најде во 3 ниво и во тој регион не беа пуштани гледачи на трибините.
Владата соопшти дека ситуацијата во секој регион ќе биде разгледувана на секои две недели, така што некои екипи можат да добијат дополнителен подарок за Божиќните празници и да се спојат одново со своите навивачи.
Први стадионскиот мирис го осетија навивачите на Арсенал во четврток кога нивниот тим играше во Лига Европа против Рапид Виена. Потоа во сабота Челси и Вест Хем играа мини градско дерби на „Стемфорд Бриџ“ каде активно работеле и пабовите па навивачите можеа конечно „да се вратат во својот втор дом“.
Картите за дуелите од Премиер лига ги распределиле преку лотарија на која можеле да учествуваат само оние со членска карта и сезонска влезница во клубот.
Пред неделното дерби на Северен Лондон (Тотенхем - Арсенал 2:0), многу навивачи рекле: „Сите бевме во рамноправни услови за карта и неверојатно сме среќни што конечно добивме карти“.
За навивачите биле одвоени 1.500 места: 20-25% од влезниците биле за корпоративните партнери на клубовите и ВИП гледачите.
Клубовите и натаму се незадоволни зошто губат пари со така мал број на гледачи. Викендов имало по 1 редар на 22 навивачи. Но и овој мал чекор е многу важен на патот кон фудбалската нормалност.
Вниманието овој викенд беше свртено од терен кон трибините. Гостинските сектори не беа отворени, а песна обично почнуваа група од 5-6 луѓе па потоа се надоврзуваа и останатите.
Задоволни се и самите играчи кои претходно мораа да слушаат имитација на навивачки реакции преку разгласот.
На „Стемфорд Бриџ“ каде Чесли го пречека Лидс Јунајтед, човекот задолжен за разглас неколку пати ги опоменувал навивачите: „Ве молиме не го гледајте мечот стоечки, ги нарушувате правилата и на следниот меч може да не пуштат навивачи“.
Навивачите ги послушале молбите, но после пар минути Жиру постигна гол и толку беше: ерупција од задоволство на „Стемфорд Бриџ“.
Челси ги распоредил гледачите по централната трибина и во пар сектори зад головите па навивачите добро се координираа со песни.
Тотенхем ги пуштил сите навивачи зад головите со цел поддршката да биде вообичаена како пред неколку месеци, затоа што зад головите седат најгласните навивачи на Спарс. На трибините кои собираат по 17.000 гледачи имаше гледач на секои 2-3 метри, а одличната акустика на модерниот стадион (на акустиката работеле звукорежисерите на групата U2) придонесе пар стотини навивачи да се слушаат како десетина илјади.
Емоциите не ги задржа ни Мурињо кој постојано мавташе со рацете, се смееше, викаше и ги прославуваше головите. За разлика од претходниот меч против Челси кога само прекрсти нозе и седеше на клупата, овојпат беше во елемент.