По девет месеци навивачкиот декор се врати во Англија

И покрај тоа што веќе како да се навикнавме, вистината е дека апсолутно не се навикнавме. Фудбал без навивачи го нема истиот драж, па и кога гледа човек дома сам. Друго е со нив кога ќе запеат и кога ќе згрмат на гол.

Арсенал синоќа беше првиот премиерлигашки клуб кој ја доби привилегијата да игра и да добие поддршка од навивачи по долгата пауза поради коронавирусот.

Големото задоволство кое со децении е како семејна традиција во Англија, го почувствуваа 2.000 приврзаници на Топџиите кои среќни и задоволни си заминаа дома со убедлива победа од 4:1 против Рапид Виена во ЛЕ.

Клубот ја организираше продажбата на картите по принципот „Прв дојде, прв услужен“, а тие очекувано отидоа како алва за само 20 минути.

Навивачите очекувано мораа да поминат низ безбедносните проверки, да ги дезинфицираат рацете, да застанат на мерење температура и да седат на растојание. Нивниот кам бек на Емирати едноставно беше атракција.

Меѓу оние кои се вратија на свое место беше и маскотата која за малку ќе останеше без работа поради кратење на трошоците на Арсенал.

Не чекаа многу за да видат голчиште во живо

4 декември 2020 - 14:30