Во пресрет на најголемиот фудбалски настан во Македонија, поразговаравме со членовите на Пења Мадридиста.
Каква беше вашата реакција кога Асенсио стави точка на финалето на Лига на шампиони а вас ви напиша домашно да почнете со подготовките за Супер Купот?
По голот на Асенсио ги запаливме баклите и направивме прекрасна атмосфера како што доликува за одбрана на титулата во ЛШ и заокружување на тој прекрасен ден и дружба на мадридистите. Свесни за обемноста на она што следи уште недели пред финалето почнавме да размислуваме за организација на евентуален Супер Куп во Скопје. Од една страна не сакавме однапред да планираме, но знаевме дека поради нужноста од брзи потези и одлуки во поглед на обезбедување на билети и финансирање, сепак нешто од нешто конципиравме. Потпрени на искуството од изминативе години, брзо прецизиравме што сакаме и како да го реализираме.
Каков е вашиот однос со луѓето од управата на ’Кралскиот клуб’?
Односот е одличен на официјално и на лично ниво. Имаме солидни и пријателски контакти со службите за кореспонденција со навивачите,но и со луѓе од бордот на директори на претседателот. Неколку пати во нужни и проблематични ситуации на патувањата го почувствувавме тој срдечен и вистински пријателски однос.
Англичаните важат за навивачи ’дланки, песна и пиво’ без голема секирација околу изгледот на трибината. За разлика од нив навивачите на Реал редовно прават убави кореографии. Дали ќе ја продолжите таа традиција и во Скопје?
Секако. На секој голем натпревар мадридистите се спремни и на трибините да одговорат на предизвикот, па така и сега. Спремаме изненадување.
Збор-два за најзагреаните навивачи на Реал Мадрид кои низ годините ги гледавме зад голот а од пред некоја сезона горе во еден агол. Кои се, што се?
Навивачите позади голот беа Ултрас Сур. Поради проблематичните и криминогени личности кои се мешаа низ оваа група на навивачи, им беше забранет влез на стадионот. Од пред две години се формира Града Фанс тоа е новоконципирана група на искрени навивачи кои покажаа и докажаа дека од првата до последната минута без оглед на резултатот во ист здив се поддржува клубот. Лани беа на погорните прстени на Јужната трибина, а одновава сезона ќе бидат долу позади стативите. Тие се нешто што му фалеше на Реал Мадрид да биде комплетен. Кој бил на Бернабеу знае дека повеќе нема ниту секунда со театарска атмосфера.
Ќе доаѓаат ли во Скопје?
Дел ќе доаѓаат од Града Фанс, но ќе има и дел од Ултрас Сур кои сепак наоѓаат начин да го поддржуваат клубот.
Навивачите на Реал, како и голем дел од Шпанците важат за мирољубива публика која што не е склона кон инциденти, но Англичаните баш и не ги бие таков глас. Очекувате ли на и околу стадионот сè да мине во најдобар и најмирен можен ред без безбедносни ризици?
Со оглед на капацитетот на нашата полиција која ќе има поддршка и од странски колеги од држави кои знаат да се справат со секаков тип на проблематични толпи немаме воопшто грижа за мечот. Апелираме до оние наши членови да се задржи нивото на свесност и разум и да покажеме капацитет на општа култура.
Каква беше процедурата за пењите (Фан клубовите) околу картите за Супер Купот 2017 и кои пењи го најавија своето доаѓање на ’Телеком Арената’ во Скопје?
Барањето се поднесува до клубот, а клубот одобрува врз основа на сработеното на пењата во минатото. Пењи ќе има од Бугарија, Унгарија, Хрватска, Словенија, па дури и Либија...
Ќе ни ја скокотнете ли малку љубопитноста да ни откриете што спремате за 8. август? Дали ви јавија ваши соборци за Реал од регионов, им организиравте ли нешто?
Ние спремаме за сите наши членови кои преку нас обезбедија карта за натпреварот, унифицирани тематски маици, шалови, спремно е и големо тифо (кореографија) за на стадион но и кортео пред мечот од местото на собирот до стадион, банери, знамиња и уште неколку изненадувања кои ќе ги оставиме да се доживеат на самиот ден на натпреварот. Во глобала очекуваме спектакл.
Што им порачувате на сите љубители на Реал Мадрид од земјава?
Да уживаат во овој спектакл, да им се извиниме на оние на кои не можевме да им обезбедиме билет, навреме да се зачленуваат во пењата за да имаат право на билет и да стекнат можност да го бодрат „Кралскиот клуб“ насекаде ширум Европа. Hala Madrid!