Кој го вее македонското знаме каде и да игра Реал Мадрид

Во преносите од Лигата на шампионите често некој од нас знае да викне: ’Еј македонско знаме, виде ли’? А македонското сонце го веат дечки, од разни градови, на различна возраст, секој во својот свет, но единствени во љубовта кон Кралскиот клуб.

Moжеби повеќето од вас ја знаат нашата приказна, но за сите оние кои не ја знаат,

Ние сме Пења Мадридиста де Македонија, основана во 2014 година. По двегодишна посветеност, желба и многубројни бирократски препреки, успеавме да го добиеме долго очекуваниот документ од Мадрид кој нè призна под “уставно име“. Веднаш потоа добивме дозвола и од нашите органи и ја регистриравме пењата (фан клуб на шпански) под името “Пења Мадридиста де Македонија”.

Нашата организација има за цел да ги обедини сите мадридисти од Македонија и да го прошири Мадридизмот надвор од границите на земјата. Исто така посредуваме при набавка на влезници и организираме патувања насекаде кадешто има можност да се гледаат утакмиците на Реал Мадрид.

По 500 влезници за натпревари доволно зборуваат за сериозноста на нашата пења, која веќе е добро препознатлива за луѓето од шпанската престолнина, за Мадридистите насекаде. Оваа година може да се пофалиме со доста активности и посетени натпревари, средби со играчи, присуство на коктели организирани од страна на клубот, дружба со луѓето од управата, средби на пењите, итн.

После есенскиот дел на сезоната и изборен пласман во нокаут фазата на Лигата на Шампионите, знаевме дека нè очекува напорна пролет со многу организации и патувања. Првото патување беше во Неапол, кој го посетивме со 15-тина мадридисти за да го проследиме пласманот во четврт финалето.

Во само неколку дена жрепката нè однесе и во Минхен, на првиот дуел од четврт-финалето, потоа следуваше Ел Класико во Мадрид. Едноставно премногу добри утакмици кои се сон за сите фудбалски гурмани.

Спомени од Минхен имаме премногу. Тоа е патувањето кое ке го помниме по рекордното време на доцнење на авионскиот превоз од цели 12 часа за подоцна да бидеме пречекани од неколку Македонци кои живеат и работат таму. Она што навистина ни остави впечаток е пријателската атмосфера која владееше помеѓу фановите на Реал Мадрид и Баерн Минхен. Сосема необично. Буквално два дена ги поминавме во дружење со сите фанови не дозволуваајќи ривалитетот да ја наруши пријателската атмосфера со Баварците.

На денот на утакмицата без никакви проблеми шетавме низ градот и уживавме во баварските локали и пивници во текот на целиот ден, а потоа заминавме заедно кон Алианц Арената, корето пропратено со препознатливите песни на двата навивачки табори (што не беше случај во Неапол)!

Утакмица како што доликува на Европски фудбал, Класико на Европа, за кое имавме обезбедено 18 влезници и на кое уживавме во победата на Реал. Веднаш потоа, следеше реваншот во Мадрид, утакмица на која 8 наши мадридисти уживаа и беа сведоци на прекрасна фудбалска битка помеѓу две од најдобрите екипи во Европа.

Неапол знае да биде незгоден за гостински навивачи

Април течеше прекрасно за нас Мадридистите, еуфоријата беше застапена на сите страни и следна беше утакмицата која е врвот во фудбалот, најгледаниот настан на планетата земја а, на која ние како пења редовно присуствуваме и сме дел од тој спектакл.

КЛАСИКО

10-тина  Мадридисти се упативме кон Мадрид. Расположението беше на завидно ниво, а во текот на патувањето го дознавме и нашиот противник во полуфиналето, добро познатиот градски ривал, со кој имаме добри спомени од Лисабон и Милано, кое ни беше воедно прво финале на ЛШ на кое ние како Пења бевме присутни.

Стасавме во Мадрид, на наш терен и сè течеше прекрасно. Познат терен, преубав град, премногу туристи. Два дена дишевме со Ел Класико и ја чекавме недела со нетрпение.

И ние како и сите Мадридисти, околу 17 часот се упативме на Конча Еспиња (улицата до Сантијаго Бернабеу која се затвора пред Ел Класико и каде се собираат навивачите). Атмосферата се загреваше и својот врв го достигна околу 19.30 часот кога пристигна автобусот со играчите на Реал Мадрид. Ги пречекавме фудбалерите и бевме подготвени за битката со Барселона.

Утакмицата заврши така како што заврши. Можеби, публиката беше највиновна, што цел тим тргна во напад во 91 минута, со играч помалку и со резултат кој според моменталната позиција на табелата ни гарантираше лесно достижна 33та титула во шпанското првенство. Но, не секогаш работите се одвиваат така како што ние си ги планираме.

Се разделивме од нашиот храм, знаејќи дека за кратко повторно ќе дојдеме. Кој би пропуштил шанса да гледа полуфинале од Лига на Шампиони против градскиот ривал и да го почувстува Дерби Мадрилењо во полн сјај. 

ВО МАДРИД СЕ ИГРА НАЈУБАВ ФУДБАЛ

Краткото време за планирање на патувањето не ни беше никаков проблем, сме работеле и под поголем притисок. Со истата рута повторно тргнавме за Мадрид. Сега со поголем мотив и желба за подобар резултат, што автоматски би ги зголемило нашите шанси да го гледаме Реал Мадрид во Скопје на домашен терен .

Пристигнавме во Мадрид а атмосферата како и секогаш на високо ниво. Дресовите од градските ривали беа на сите страни, од продавниците до жителите на градот, сите со нетрпение го очекуваа дербито.

Наредниот ден, после претпладневната прошетка по градските атракции, повторно во 17.00 часот тргнеме накај храмот на секој Мадридист, стадионот Сантијаго Бернабе. Кога пристигнавме, Конча Еспиња беше веќе цела бела и имаше луда атмосфера.

По традиција, во последниве години се чека тимскиот автобус да помине на кружниот тек на Plaza de los Sagrados Corazones, при што се отпоздравуваат и бодрат играчите пред да влезат на стадионот. Во тој момент веќе беше јасно дека Бернабе ќе биде силен вечерта, дека ќе биде 12 ти играч. Такво треперење и вибрација досега не сме почуствувале, а сме биле на преку 20 заеднички патувања.

90 минути интензитет од нашите јунаци резултираше со победа изразена со предобар резултат со кој веќе сме со една нога во Кардиф. Еуфоријата обзема повеќе од 100.000 луѓе на стадионот и околу него. Беше тоа ноќ за паметење, ноќ која ќе ја прераскажуваме во иднина со иста жар и радост како што ја прераскажуваме ноќта во Милано.

Сега останува да се надеваме дека Зидан и неговите јунаци ќе соберат сили, ќе ги добијат преостанатите натпревари во шпанската лига и Лигата на Шампионите и во август ке можеме да им приредиме пречек каков што им доликува на Кралевите.

Со почит,

дечките од Пења Мадридиста де Македонија