Да ја запознаеме Силвија Доршнерова Вајс, главен администратор во репрезентацијата на Шпанија која со децении е како втора мајка на играчите.
Силвија има статус на ангел-чувар на La Furia Roja. Енергијата, спремноста и добрината на оваа жена ја потврдиле најмалку неколку генерации шпански репрезентативци.
Во исто време е срамежлива и скромно ги одбива сите интервјуа со зборовите: „Која сум пак јас да давам интервју, немам што да кажам“. Но со текот на годините се собрале многу симпатични раскази за улогата на Силвија во големите успеси на фудбалска Шпанија.
УШТЕ ВО МЛАДОСТА ЗБОРУВАЛА ЧЕТИРИ ЈАЗИЦИ, СО РЕПРЕЗЕНТАЦИЈАТА Е УШТЕ ОД 1994-ТА, МНОГУ Е ПОЧИТУВАНА И ЦЕНЕТА
„Да не беше Силвија, тешко ќе беше да ја измислиме“, рекол еднаш легендарниот капитен Фернандо Јеро во 2012. Тој спознал колку голема работа врши Силвија и колку е важна за репрезентацијата кога работел како спортски директор на фудбалската федерација.
Со Јеро на таа функција, Шпанија имаше златна ера: освоија Европско 2008 и Светско 2010. Потоа Јеро замина, а Силвија е во репрезентацијата веќе повеќе од 30 години без прекин (на клупата со селекторот и тренерите седи уште од 2002-ра).
Во 2010-та година во нејзиниот багаж бил пехарот освоен на Светско првенство кога Шпанците станаа планетарни шампиони. До толку имаат доверба во Сивлија.
Но Силвија немала лесен и едноставен пат ниту во шпанскиот фудбал, ни воопшто во Шпанија. Како што се приметува и по нејзиното двојно презиме, мајка и е од Чешка, а татко и Германец. Таа е родена во Менхенгладбах.
Како мала не одела многу да гледа германски фудбал. Првпат се нашла на стадион откако семејството се преселило во Шпанија. Го посетила легендарниот „Висенте Калдерон“.
Благодарение на космополизмот од потеклото, Силвија уште од млада зборувала шпански, англиски, француски и германски. Од мајка и знаела малку чешки. Во 1982 ја викнале да работи како преведувач во организацискиот комитет за Светското првенство чиј домаќин беше токму Шпанија.
Откако ги препознале нејзините квалитети и стручноста, Силвија добила покана да работи во Шпанската фудбалска репрезентација. За помошничка ја земал Јулиан Дел Амо - некогашен легендарен администратор во шпанската репрезентација кој бил задолжен за документацијата. Тоа било пет години по Мундијалот во Шпанија.
Дел Амо се повлекол во 2002-ра година а веќе ја спремил својата наследничка за работата. Доршнерова-Вајс станала главен администратор во стручниот штаб на селекторот Хозе Антонио Камачо кој ја водеше Шпанија на Светското во Јапонија и Јужна Кореја.
Силвија претходно во улога на преведувач била со репрезентацијата и на Светско 1994 и на Мундијалот 1998 во Франција. Одлично знаела што ја чека.
„Првпат на клупата се најдов на меч на Олимпискиот стадион во Барселона. Тоа беше на 13 февруари 2002-ра година. Игравме нерешено со Португалија. Камачо беше селектор. Никогаш нема да го заборавам тој ден. Многу бев нервозна но се помина добро“, се сеќава харизматичната тетка Силвија.
Каде и да оди Шпанија, Силвија благодарение на мултијазичноста што ја поседува, без проблем ги решава сите организациски прашања. Повеќето фудбалери кои работеле со неа велат дека моќта и функцијата на Силвија се многу поголеми од она што и стои во работниот опис.
Во шпанската репрезентација ја викаат втора мајка. Швајцарскиот франкојазичен весник „Матен“ ја нарекол La Maman што е универзален збор на сите јазици и со тоа ги опишал нејзините карактеристики во репрезентацијата.
Во Шпанија работела и уште една жена - Палома Анторанс, директор за односи со јавност во репрезентацијата. Еднаш Икер Касиљас ја видел како плаче во автобусот после полуфиналето со Русија (плачела поради смртта на докторот во репрезентацијата Хенаро Бораса кој починал пред стартот на Евро 2008). Тоа Касиљас му го пренел на селекторот Луис Арагонес и сите заедно на вечерата победата му ја посветиле на докторот. Паломара цело првенство носела шал околу врат во чест на починатиот доктор и шалот го сметале за амајлија.
Силвија Доршнерова одговара за многу прашања, па и за распределба на броевите. Шпанците имаат традиција: први броеви си одбираат ветераните во репрезентација, а новите млади деца земаат што ќе остане.
Меѓу Шпанците малку кој сакал да одбере број 12 или 13 а Силвија на примерот на претходните поколенија репрезентативци им покажала дека овие бројки носат среќа.
Но таа знае да влезе и во конфликт во одбрана на своите фудбалери и стручен штаб. На пример во полуфиналето на Евро 2012 година со Португалија во Доњецк кога на теренот стана тензично и напнато, а португалската клупа изгуби контрола и го нападна судијата, Силвија беше таа која смируваше топка.
Силвија ја замолиле да му се обрати на резервниот судија а после и кај колегите од португалска страна. Конфликтот се смирил, мечот заврши нерешено а Шпанците славеа на пенали.
„Не се чувствувам осамена меѓу толку мажи. Многу си ја сакам работата што воопшто ништо друго околу себе не приметувам. Кон мене се однесуваат како една од своите. Иако има и непријатни ситуации: еднаш судија во Унгарија многу се чудеше што јас сум морала да давам списоци за замени. Но си ја знам работата и ако морам да влезам во соблекувална, се однесувам како професионалец. Едноставно тоа ми е работата“.
Еднаш имале непријатна сцена кога шпанската кралица Силвија се симнала долу во соблекувалните да им честита освоена титула, а Силвија во цела таа гужва и славје морала да го организира целиот процес.
Ги спастрила сите освен стрелецот на голот Карлес Пујол кој не разбрал кој ќе дојде па излегол од туш само со пешкир на себе. На крај кралицата се ракувала со полуголиот Пујол но во атмосфера на општа прослава и галама, никој тоа не го сметал за кршење на протоколите.
„Силвија отиде во соблекувална да ги предупреди сите но фудбалерите уште необлечени од туширање, а кралицата веќе на пат накај нас. Пујол беше полугол зошто само што излезе од масажа. Силвија не успеа да организира сè“, раскажала авторката на книгата La Roja por inside Силвија Барба.
ПОСЛЕ ФИНАЛЕТО 2008 ПЛАЧЕЛА И СКОКНАЛА ВРЗ ИКЕР ОД СРЕЌА, А ЕВРО 2020 Е НЕЈЗИНО ПОСЛЕДНО ВО КАРИЕРА
Силвија не покажува никакви емоции за што се уверивме и кога Шпанија гостуваше во Скопје во квалификации за Светско 2018. Таа рекла дека не сака после мечот синот да и раскажува што правела и затоа се труди да биде рационална и да внимателна.
„Понекогаш сакаш да викнеш, да урлаш, да играш наместо нив на терен, ама ќе се сетиш: јас морам да и носам смиреност и спокој на репрезентацијата. Кога мечот е напнат, сите играчи се емотивни а јас треба да им викам: „Полека, полека, смирено“. Ако и јас сум тогаш нервозна, нема да можам да ги смирам“, раскажала Силвија.
За неа еден од најдрагите моменти беше финалето на Евро 2008 каде Шпанија издоминира до златото и ја совлада Германија, земја на нејзиниот татко каде растела во детството.
Иако тоа не се приметило во преносот, веднаш по судиската свирка за крај, кога сите замени веќе беа направени и проблемите решени, Силвија си дозволила да излезе од кожа на човек кој мора постојано да ги контролира емоциите и се расплакала.
Толку многу славела што се залетала во прегратка на капитенот Икер Касиљас при што настанала епска фотографија!
Шпанија има 11 легенди кои освоија три најголеми титули по ред: Европско, па Светско, па пак Европско - Касиљас, Рејна, Рамос, Албиол, Арбелоа, Чави, Иниеста, Сеск, Алонсо, Давид Силва и Торес).
Симболично под број 12 на оваа екипа може да и се придодаде и тетка Силвија Доршнерова-Вајс.
Интересно, евентуален триумф и злато на Шпанија на Евро 2020 би ја направил Силвија уникатна и единствена: никој ќе нема повеќе златни медали од неа во репрезентацијата зошто од таа славна генерација сите објавија крај на репрезентативни кариери.
Шпанските репрезентативци имаат голем мотив со златен пехар да ја испратат нивната втора мајка во заслужена пензија. А таа ќе се погрижи за сè останато надвор од теренот.