За да му удоволи на американскиот пазар, Јуве ги тргна 116 години старите штрафти

Официјалната домашна варијанта на дрес на Јувентус за новата сезона 2019/2020 ја претставија овој месец, но на интернет се зборува за неа уште од минатата есен. Навивачите поделени.

Новиот дрес Јувентус го носеше синоќа на дербито против Рома на „Олимпико“ во Рим. А новиот дрес се откри уште во октомври минатата година на твитер сметката La Maglia Bianconera (@La_Bianconera) и реакцијата на навивачите беше негативна.

Синоќа првпат се виде како на играчите им стојат овие дресови. Реакциите беа поделени. На некои тифози на Јуве им се допаѓа модернизацијата, а некои се лути што така лесно управата се откажала од стандардните црно-бели штрафти во кои Јуве игра повеќе од 100 години.

А сè поради, како што тврдат навивачите лакомоста за пробив на американскиот пазар ("Се смета дека дизајнот на новите дресови бил адаптиран откако една анкета покажала дека црно-белите штрафти ги потсеќаат Американците на судија, зошто таква е униформата на многу судии во бејзбол и НФЛ.")

Колоните на дресот беа дел од основната опрема на Јувентус уште од 1903 година. Од тогаш Јувентус смени повеќе од триесет варијанти на дресови, но сите беа исклучиво на штрафти. Новиот дрес за 2018/2019 е бело-црн но е разделен на две половини меѓу кои се појавува една розова лента.

****

„Јувентус е единствениот италијански клуб кој сфати дека е потребно да стане забавна компанија ако сака да остане конкурентно-способен. Можно е дека дресот го сменија затоа што така бара пазарот. Клубовите во НБА лесно го менуваат дресот и никој не се жали. Со тек на време интересот ќе ја победи недовербата“, вели директорот на европскиот оддел на Nielsen Sport и експерт по спортски маркетинг Марко Наѕари.

Новинарот на Goal.com и DAZN специјализран за Јувентус, Ромео Агрести вели: „Клубот раскрстува со традицијата и преминува во авангардизам. Мислам дека измените ги диктира пазарот. Секако, треба да се има предвид дека новото прави првичното да се заборави“.

Втората варијанта дресови на Јувентус ќе биде бело-црвена (бел дрес со црвени шорцеви), а третата гостинска варијанта ќе биде целосно сина.

ШТО БИДНА СО РОЗОВОТА БОЈА КОЈА Е ИСТОРИСКА?

Во 1900 година Јувентус официјално за првпат заиграл во италијанското првенство. Боите на тимот биле розево-црни во чест на школската униформа која што идните шампиони на Италија ја носеле како ученици во гимназијата Масимо Д’Аѕељо.

Таму им давале розе кошули и црно панталони, како и црна „лептир“ машна. Во тој момент новиот млад клуб имал финансиски проблеми, па искористиле од останатиот розев материјал да направат дресови.

Но набрзо се појавил проблем - бојата на дресот брзо бледеела и паѓала. Притоа и ривалите ги исмевале затоа што розевата боја според нив никако не асоцирала на машкост.

Тогаш еден фудбалер на Јувентус кој подоцна станал член на управата, англискиот трговец Гордон Томас Севиџ предложил да се сменат боите на дресовите и купил комплет којшто потсеќал на клубот од неговиот роден град - Нотингем Форест.

ЦРВЕНИ? ОД КАДЕ ПА ТАА БОЈА СЕГА?

Англискиот трговец Севиџ ја пратил во Англија розевата опрема на Јувентус. Но таа толку избледела што од фабриката им предложиле на Италијанците да купат бели дресови.

На почеток од Англија им стигнале бело-црни дресови од Нотс Каунти. 15 такви дреса пристигнале во Торино. Немало време ништо да се менува, почнало првенството и Јувентус од тогаш е познат под прекарот „бјанконери“ (бело-црни). Првпат во овие бои заиграле во 1903 година.

Јувентус стигнал до финалето на италијанската лига, а во сезоната 1904/1905 ја освоил и првата титула во историјата. Во Торино тогаш помислиле дека бело-црните бои им носат среќа, а во официјалната историја на клубот Нотс Каунти пишува вака:

„Јувентус сега ги носи нашите дресови со агресивни и јаки бои. Нотс помогна да се создаде еден од најголемите клубови на светот. Дресот на Јувентус сега го знае цел свет“.

Во 2011 година Јувентус одигра пријателски натпревар со англискиот Нотс Каунти во чест на отворањето на новиот модерен стадион и дуелот заврши 1:1.

РОЗЕВА БОЈА НЕ СЕ ВРАЌА ПРВПАТ НА ДРЕСОВИТЕ

Во розе боја Јуве играше често во 100 и кусур години богатата историја. Последен пат розева боја на комплетите имаше во сезоните 2003/2004, 2011/2012 (во сезоната 2012/2013 овој дрес стана трета варијанта) и во 2015/2016. А во 2004/2005 носеа дрес со розеви и црни штрафти.

ДО КОГА ЈУВЕНТУС ЌЕ НОСИ АДИДАС?

Јуве и германскиот гигант договорија соработка во 2013, а новиот шестгодишен договор стапи на сила пред почетокот на сезоната 2015/2016 (до тој момент „зебрите“ цели 12 години ги облекуваше Nike).

„Старата дама“ добива по 23,25 милиони евра годишно плус шест милиони евра за тоа што адидас ја земал на себе реализацијата на продажба. Договорот со Најк им носел два пати помалку.

Во пролетта 2015 година договорот бил разгледуван. Јуве се откажал од тие 6 милиони евра и почнал сам да ги продава дресовите преку компанијата Juventus Merchandising. Адидас низ годиниве продава дресови од Јувентус во своите продавници и не ги дели приходите со Јуве. Јуве ја закупил својата опрема од адидас и продажбата ја реализира преку клупските фан-шопови и преку интернет.

Во сезоната 2017/2018 Јуве заработил 16 милиони евра наместо гарантираните шест милиони. Според прогнозите на економистите, оваа сума ќе расте.

Во декември 2018 година Јувентус и Адидас го продолжија договорот до јуни 2027 година. Фиксната сума која германскиот гигант му ја дава на Јувентус за спонзорство изнесува 51 милион евра по сезона.

ДАЛИ ПРЕКАРОТ „ГОБИ“ Е ПОВРЗАН СО ДИЗАЈНОТ НА ДРЕСОВИТЕ?

Gobbi на италијански значи грбавци. За потеклото на овој прекар за фудбалерите на Јувентус, во својата книга „Илјада и една историја за великиот Јувентус која сите треба да ја знаат“ раскажал Клаудио Морети.

Целата работа потекнува од сезоната 1957/1958. Јувентус прв во Италија почнал да игра во дресови кои личеле на широки маици. Прво имале V отворена крагња и кога фудбалерот трчал дресот се кревал на грбот од ветрот. Тоа потсеќало на грбка и оттаму прозивката „грбавци“ која ден денес ја користат ривалските навивачи.