Трофејната сала на Златан Ибрахимовиќ

Ибра со два убави гола му го донесе на Јунајтед првиот трофеј сезонава а себе си го подари 32. трофеј во кариерата. Англија е шеста земја во неговата кариера, а во пет освојувал титули.

Трофејната сала на Златан Ибрахимовиќ продолжува да се полни. Него му недостига оној највредниот од Лигата на шампионите, но Ибра има 32 трофеи во кариерата.

Синоќа со Јунајтед го освои Лига Купот и ја продолжи успешната берба после годините во Холандија, Италија, Шпанија и Франција.

„За ова дојдов. Дојдов да победувам и победувам. Треба да продолжам вака и што повеќе освојувам, позадоволен сум“, изјави Ибрахимовиќ по финалето против Саутемптон на Вембли синоќа.

Тоа беше негов прв трофеј во Англија.

АЈАКС

2001/2002 титула во Ередивизија

Првиот шампионски пехар Ибра го освои пред 15 години кога имаше само 20 години и играше во Ајакс. Учествуваше во освојувањето на првенството со шест гола на 2 меча а ’Копјаниците’ славеа на крајот со пет бода повеќе од вториот.

2001/2002 Холандски Куп

Ајакс ја дуплираше прославата откако во истата сезона го освои и Купот. Во драматично финале, тимот од Амстердам израмни во 90. минута а во продолженијата Златан го постигна златниот гол на три минути пред крајот од екстра времето. Тоа беше прв негов гол во Купот воедно и најважен.

2002 Холандски Супер Куп

На големото дерби во финалето на Холандскиот Супер Куп, Ајакс се врати од 0-1 и победи 3-1 со головите на Ван дер Вард, Мидо и Златан Ибрахимовиќ кој влезе од клупата на 13 минути пред крајот.

2003/2004 титула во Ередивизија

По трофејната сезона, Ибра и во 2004 се врати на победничките патеки и со 13 лигашки голови имаше голема заслуга во освојувањето на пехарот. Таа сезона Ибра беше далеку од првиот стрелец Матеја Кежман кој даде 31 гол а повеќе од него дадоа и Дирк Кајт и Џералд Сибон.

ЈУВЕНТУС

2004/2005 Скудето

Во 2004 година Швеѓанецот со босанско потекло се пресели во Италија и ја освои титулата уште во првата сезона со Јуве. Даде 16 гола и беше прв стрелец на екипата која што му избега 7 бода на вториот. Подоцна оваа титула му беше одземена на Јуве поради скандалот Калчополо со наместени натпревари.

2005/2006 Скудето

Уште една година и уште една титула. Во оваа сезона Ибрахимовиќ постигна само 7 гола на 35 меча, а Бјанконерите го кренаа пехарот со три поени пред Интер, но титулата повторно им беше одземена како и претходната поради скандалот.

ИНТЕР

2006 Италијански Супер Куп

Само две недели откако дојде од Торино, Ибракадабра освои уште еден пехар. Интер кој беше крунисан за шампион наместо Јуве кој го исфрлија во втора лига, ја победи Рома во продолжението со головите на Патрик Виера, Хернан Креспо и Луис Фиго.

2006/2007 Скудето

Со него во нападот Интер доминираше во Серија А и ја освои титулата со разлика од 22 бода пред останатите. Швеѓанецот постигна 15 гола на 27 средби.

2008 Италијански Супер Куп

Во првиот натпревар на Жозе Мурињо на клупата на Интер, Нераѕурите одиграа 2-2 против Рома па се шутираа пенали. Златан прв го реализираше својот пенал.

2008/2009 Скудето

Интер го комплетираше хет-трикот на титули во 2009-та а Ибра заврши како најдобар стрелец во лигата со дури 25 гола. Интер ја освои титулата со 10 бода пред вториот.

БАРСЕЛОНА

2009 Шпански Супер Куп

На Ибрахимовиќ како да му стана навика веднаш штом ќе смени клуб да освои трофеј, па така со Барселона играше во реваншот на Супер Купот против Атлетик Билбао кога Меси со два гола го одлучи победникот

2009 Европски Супер Куп

Пет дена подоцна трофејната сала на Златан се збогати. Ибра стартуваше но излезе од игра во 81. минута при резултат 0-0, а Педро ги постави конечните 1-0 во продолжението.

2009 Светски клупски шампион

Ибрахимовиќ ги одигра сите 210 минути од Светското клупско првенство но не даде ниту еден гол во дуелите со Атланте и Естудиантес преку кои се стигна до титулата.

2009/2010 Ла Лига

Како што обично бидува, Ибрахимовиќ никогаш не освојува титула без куп или спротивно. Швеѓанецот помина тешко и не се снајде во Барса но го крена пехарот за шампионот откако Барса го претрка Реал Мадрид. Високиот напаѓач таа сезона даде 16 гола.

2010 Шпански Супер Куп

Последниот гол за Барса Ибрахимовиќ го даде во првиот дуел од двомечот во финалето на Супер Купот против Севиља. Меси во реваншот го направи пресвртот со три гола, а Ибрахимовиќ не беше ни на клупата.

МИЛАН

2010/2011 Серија А

По враќањето во Италија Ибра пак го освои Скудетото кое како да му беш предодредено. Постигна 14 гола и му ја донесе на Милан првата титула после седум години.

2011 Италијански Супер Куп

Третиот освоен Супер Куп на Италија Ибра го одбележа со гол за израмнување во победата на Милан од 2-1 против Интер. Оваа сезона Швеѓанецот даде неверојатни 28 гола, најмногу во Серија А таа сезона.

ПАРИ СЕН ЖЕРМЕН

2012/2013 Лига 1

Првата сезона во Франција и прва од четири титули по ред во Лига 1. Ибра играше како луд во Париз и даде 30 гола во првата сезона, дури 11 повеќе од вториот на листата.

2013 Француски Супер Куп

ПСЖ губеше од Бордо но со двата гола на Златан во 81. и 93. се врати и го освои трофејот.

2013/2014 Француски Лига Куп

Златан Ибрахимовиќ даде два гола во полуфиналето а поради повреда не играше во финалето кога ПСЖ го совлада Лион и го освои Лига Купот.

2013/2014 Лига 1-0

Доминацијата на Парижаните продолжи а продолжи и онаа на Ибра. Повторно воодушевуваше со 10 гола повеќе од сите останати. Ибра беше и втор најдобар асистент во лигата со само една асистенција помалку од Хамес Родригез тогаш во Монако.

2014 Француски Супер Куп
Златан даде два гола од кои еден од пенал во триумфот од 2:0 против Генгам во Пекинг.

2014/2015 Француски Лига Куп

Двата гола на Златан и двата на Единсон Кавани му помогнаа на Париз да ја тресне Бастија за уште еден трофеј и тројна круна во сезоната.

2014/2015

Трета титула по ред за Ибрахимовиќ и ПСЖ по ред. Таличниот Швеѓанец даде 19 гола (2 хет-трика).

2014/2015 Француски Куп

Со хет-трик во полуфиналето против Сент Етјен Ибрахимовиќ беше најзаслужен за пласманот во финалето каде го победија Оксер за нов пехар во Купот. Кавани тогаш даде гол во вториот дел за големо славје.

2015 Француски Супер Куп

Во 2015-та Златан сам го однесе ПСЖ до триумф во Купот. Одигра 90 минути и им намести прекрасни асистенции на Серж Орие и Кавани во победата против Лион. Ова беше трет освоен Супер Куп во три години за Ибра и ПСЖ.

2015/2016 Француски Лига Куп

Ибра во оваа сезона не даде ниту еден гол во францускиот Лига Куп но тоа не го спречи ПСЖ со играч помалку да го победи Лил со 2-1 во финалето.

2015/2016 Лига 1-0

Ако ПСЖ доминираше за време на првите три години на Ибрахимовиќ, тоа беше ништо во споредба со неговата последна сезона во Париз. Тогаш “Светците“ го освоија првенството со дури 31 бод пред второпласираниот. Златан даде страшни 38 гола, 17 повеќе од најблискиот следбеник.

2015/2016 Француски Куп

Во последниот натпревар во дресот на ПСЖ, Ибрахимовиќ даде два гола и го крена 12. трофеј со овој клуб. Тоа значеше и втора тројна круна за ПСЖ по ред.

МАНЧЕСТЕР ЈУНАЈТЕД 2016

Во Англија Ибрахимовиќ се најде со стариот пријател Жозе Мурињо и веќе во актуелнава сезона го крена првиот пехар - наменет за побединкот во Комјунити Шилд, англискиот Лига Куп. Златан даде два гола од кои вториот на седум минути пред крај за 3-2 со глава од седум метри.