За нас секогаш ќе биде широко насмеан дечко со детско лице и наивни очи којшто премина во Милан во летото 2003-та.
Тогаш возудхот во градот на модата мирисаше на триумф. Милан одигра фантастична сезона - после 9 години екипата на Карло Анчелоти го врати званието најсилни во Европа. Каков легендарен состав!
Паоло Малдини, Руи Коста, Били Костакурта, младиот Андреа Пирло, Пипо Инзаги, семоќниот Кларенс Сидорф и воинот Рино Гатузо. Бескурпулозниот Сандро Неста, најголемиот Андреј Шевченко, човекот со две срца Кафу, борецот Масимо Амброзини. На сите нив им се придружи едно талентирано момче од Сао Пауло кој на „Сан Сиро“ го донесе Леонардо.
Никој не знаеше многу за него сè додека не прими топка и после неколку чекори изгледаше како да ќе полета преку цел терен. Како на нозете да немаше копачки туку волшебни сандали.
„Кака ја врати нашата претстава за класичниот бразилски играч. Не сиромашно дете од фавелите, туку богат и бел. Тој беше фудбалскиот Ајртон Сена, модификација на Сократес којшто не раскажува за политика, туку за религија. Во него имаше елеганција во сè - во шут, во дриблинг во акробатски прием“, раскажуваше во тоа време италијанскиот новинар Дарвин Пасторин, роден во Сао Пауло.
Неповторливиот шарм беше дел од сите елементи на играта на Бразилецот, особено во неговите први две сезони во Италија. Но тој не беше дете од Копакабана кое прави финта само ради финта. Тој имаше единствена цел - да даде гол.
Никогаш не беше егоист ниту себичен, па ниту кога сам тргна на цела одбрана на Интер, помина пет противници, и кога 9 од 10 души би му подале на отворениот Томасон, Кака распали и даде еврогол:
Во тоа време Италија безумно трагаше по права десетка. Потенцијални кандидати за тронот на Џани Ривера беа малкумина, а изборот беше тесен. Кака правеше чуда во формацијата „елка“ на Милан 4-3-2-1.
Играше и заедно со Руи Коста кој беше зад напаѓачите а Кака доби слобода да игра од едно на друго крило. Бразилецот се адаптираше толку добро а светол пример за тоа беше гол-асистенцијата до Шевченко која му донесе скудето на Милан.
Феноменалниот Рики компонираше мелодична игра на Милан во сезоната 2007 во Лигата на шампионите. Сите ќе го паметат решавачкиот гол во дополнително време против Селтик.
И конечно, следуваше гостински меч против големиот Манчестер Јунајтед. „Ѓаволот“ против „Ѓаволите“. Истиот тој Манчестер кој ја прегази Рома 7:1 и беше спремен да го проголта Милан.
Домаќините дадоа гол уште во 4. минута по судиската свирка но таа ноќ беше на Кака. Прво го замолкна стадионот на асистенција на Сидорф кога го матираше ван дер Сар а после четврт час направи шоу против Флечер, Хајнце и Евра.
Сабајлето La Gazzetta dello Sport излезе со наслов: „На ова искуство му аплаудираше цел ’Олд Трафорд’. Мишел Платини го нарече тој гол најдобра реклама во фудбалот. А после две недели во реваншот, „Сан Сиро“ виде тотален фудбал каков што немаше видено уште од финалето 1994 против Барселона на Кројф.
И одново чудесниот Кака го материјализираше жестокиот пресинг на Италијанците од прва минута:
Вечерта на „Сан Сиро“ имаше се: разум, срце, страст. Сер Алекс Фергусон призна: „Милан беше величествен како и неговата публика“. Потоа следуваше финалето со Ливерпул во Атина каде после чудесната вертикална асистенција на Кака, Пипо Инзаги даде гол за седма титула во Лигата на шампионите. „Дојдовме до тука за да видиме како ќе забие Кака“, грмеа тифозите на Милан.
Бразилецот таа година ја заврши заслужено со „Златна топка“ во рацете.
Можеше ли Кака уште повеќе? Тоа прашање се поставува секогаш кога ѕвездите ќе ја завршат кариерата. Обично тоа прашање нема одговор. Дали Роберто Баџо би се прославил ако не тргнел од Виченца. Дали Франческо Тоти би бил најголем ако отидеше од Рома во Реал. Дали Алесандро Дел Пјеро...
Во случајот со Кака се е едноставно. Рокот на неговата кариера заврши кога се прости со Милан. Во Италија уште жалат што клубот го продаде во Реал а не во Манчестер Сити кој им давал два пати повеќе. Во таа зделка пострадаа сите: и клубот и фудбалерот.
Точно на 25 години од денот кога Диего Марадона потпиша со Наполи, во 2009-та Кака отиде во обратен правец од Италија во Шпанија. Кака искрено плачеше на заминувањето од Милан кое управата го правдаше дека не можела да одбие таква абнормална понуда од Реал Мадрид. А таму?
Таму Кака го следеа повреди после кои никогаш веќе не беше истиот. Како симболично! Кога Андреј Шевченко замина во Челси, кажа дека во Милан неговото дело ќе го продолжи Кака. Но тој не знаел дека Бразилецот ќе ја повтори неговата грешка.